На последното истражување на Центарот за граѓански комуникации од Скопје, меѓу 81 општина, Град Скопје и 15 министерства, Општина Велес е на второто место на рангирање на генералната скала за транспарентност, зад Крива Паланка.
Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев денеска на прес-конференција рече дека истражувањето покажало дека според индексот на активна транспарентност во 2016 година, Општина Велес во 83,6 проценти ги извршувала своите обврски кои ги имала во областа на транспарентност, со што ја добила оценката многу добро.
– Транспарентноста секогаш била една од главните карактеристики на Општина Велес. За тоа дека работиме посветено на ова поле, доказ е последното истражување на Центарот за граѓански комуникации од Скопје, истакна Чадиев.
Велес е најтранспарентна општина ако се земат предвид општините само во Вардарскиот плански регион. Останатите општини во овој регион имаат просечна оценка од 39,1.
– Токму овие бројки се доказ дека Општина Велес е многу над просекот и во врвот на транспарентноста во Македонија. Сепак, овие резултати не значат дека ние нема да се подобруваме, туку напротив, во иднина ќе работиме на задржување на вака високото ниво на транспарентност, па дури и негово подобрување, додаде Чадиев.