Општина Велес вчера преку Бирото за јавни набавки распиша јавен оглас за изведба на покриен градски пазар во Велес, информираше градоначалникот Славчо Чадиев денеска на прес-конференција.
Тој појасни дека во првата фаза се предвидува изведба на подготвителни и земјени работи, потоа армирани и челични конструкции кои се однова на новиот објект. Вредноста на градежниот зафат се проценува на 10,1 милион денари без вклучен ДДВ.
Чадиев преку 3Д-презентација претстави како ќе изгледа покриениот градски пазар, неговата внатрешност, тезгите и влезовите.
– Почетокот на првата фаза значи дека во иднина градскиот пазар ќе стане модерно и урбано место за набавка на земјоделски производи. Новиот пазар ќе значи подобри услови за купувачите, но и за продавачите на стоки, рече Чадиев.
Покриениот градски пазар ќе биде на истата локација каде е постоечкиот, а освен тезги за продажба во него ќе се изградат 16 дуќани, трговска и улица за достава на производи, како и санитарни јазли.
– Се предвидува и нова поделба на реоните во кои ќе се продаваат прехранбени производи, текстил, пластика и друго, појасни Чадиев.
Тој воедно информираше дека јавното отворање на понудите за избор на изведувач ќе се одржи на 21 август во 12 часот во малата сала на Општина Велес. Тоа е рокот до кога сите фирми заинтересирани за изградбата на покриениот градски пазар може да достават понуда. На електронска аукција ќе се избере најповолната понуда, односно најниската понудена цена, појасни Чадиев.