Со 12 гласа за и 6 против Советот на Општина Охрид ја изгласа физибилити студијата на ЈП „Билјанини Извори“ според која ќе се бара приватен партнер за имплементација на системот за наплата на јавниот паркинг простор.
По неколкуте одлагања и несогласувања од страна на советниците, одлуката денеска беше изгласана. На седницата не се појавија советниците на ВМРО – ДПМНЕ, Дејан Пановски и Јованка Дамоска Секулоска за кои беше најавено дека се противат на оваа одлука од принципиелни причини. Во минатиот состав, токму тие двајца советници, како и ВМРО – ДПМНЕ, беа најголемите и најжестоки критичари кога претходната локална самоуправа распиша тендер и ги даде паркинзите под концесија и бараа со нив да стопанисува општината. Несогласувањето од страна на дел од советниците на ВМРО – ДПМНЕ, како што претходно А1ОН најави, доведе и до промена на координаторот на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ.
Како што дознаваме од партиски извори, немањето мнозинство за оваа точка на власта беше причина неколку пати да биде одлагана истата. По периодот на убедувања, за оваа точка гласаа независните советници Павел Попоски и Љупчо Настоски со што власта едвај успеа да обезбеди мнозинство.
На седницата, како и претходниот пат кога беше повлечена точката, така и сега, не се појави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Советниците на опозицијата гласаа против оваа одлука, а советниците на ВМРО – Народна партија откако се изгласа истата, како што рекоа, од револт ја напуштија седницата.
Со оваа одлука, Општина Охрид и ЈП „Билјанини Извори“ ќе бараат приватен партнер преку јавно – приватно партнерство за инсталација на системот за наплата на јавниот паркинг простор, а приватникот во наредните неколку години ќе има зема дел од наплатата. Власта за оваа одлука се правдаше со неефикасната и нецелосна наплата со моменталниот систем, а опозицијата пак обвини дека менаџментот на претпријатието е крив за сите пропусти. Советниците на опозицијата бараа воведувањето на овој систем на наплата да го изврши самото претпријатие со кредитно задолжување затоа што не станува збор за голема сума на средства односно некаде околу 40.000 евра.
Ф.Ј.