Примената на аеросолната метода дава резултати во однос на намалувањето на аерозагадувањето од 30 до 77 проценти, покажа денешната презентација која ја организираше општина Куманово.
Методата беше применета во февруари и ја спроведуваше локалната самоуправа во соработка со професори од Факултетите за земјоделски науки и храна и информатички и комуникациски технологии, приватни компании, СВР Куманово и ТППЕ Куманово. Методата била употребена во неколку наврати на различни локации во градот на најфрекфентните улици, булевари, но и во населби кои се сместени на ридести подрачја. Загадувањето се намалило за одредени проценти, што, според стручните лица зависи и од степенот на загадувањето.
– Оваа метода времено се спроведува на некои локации, се употребува вода без додатоци или хемија што значи еколошка и ефтина метода. Потребни се приклучна механизација и поддршка во сообраќај од СВР. Куманово дефинитивно во иднина ќе ја применува методата, ќе се набави таков тип опрема и ќе успееме делумно да се намали загадувањето, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Најдобри резултати имало онаму каде загадувањето било најголемо, на улици каде има сообраќај и онаму каде граѓаните се затоплуваат со огревни дрва, појаснува професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Живко Давчев, кој заедно со неговиот колега од ФИНКИ, Коста Митровски ја применуваа оваа метода.
Најголемо загадување имало на „Народна револуција“, едносмерна улица во центарот на градот, кај болницата, во населбата „Перо Чичо“, иако е на повисоко место. Методата дава резултати, но нагласи дека за добри резултати потребна е примена на повеќе комбинирани мерки, лоцирање на загадувачите, едукација на населението и пред се гасификацијата.
Куманово ќе продолжи со засадување на садници, проектот „Засади живот за жиовт“ и со ширење на дистрибутивната мрежа и субвенциите за домаќинствата од 150 евра за приклучок за гасоводната мрежа, велат од општината.
Значајно е и објектите да се гасифицираат меѓу нив и кумановската болница, а ќе се преземат и превентивни и репресивни мерки за оние кои се затоплуваат со отпадно дрво и друг несоодветен материјал за загревање.