Општина Кичево денеска објави јавен оглас за невработени лица и работодавачи од микро и мали претпријатија, врз основа на програмата за поддршка на локалниот и економски развој.
Во програмата е предвиден буџет за „Подршка на претприемништво, бизнис планови, започнување на нови бизниси и имплементација на проекти кои придонесуваат кон намалување на невработеноста во општината“ и за „Субвенционирање за вработување“, со цел создавање на конкурентна економија во приватниот бизнис, поддршка на развојот на МСП и претприемништвото, како и врз основа на оперативниот план и насоки за спроведување на мерки за самовработување.
Се повикуваат невработените лица на територијата на Општина Кичево евидентирани во Центарот за вработување во Кичево и работодавачите од микро и мали претпријатија кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис со отворање на нови работни места, да се пријават за учество во активните мерки за самовработување.
– Работодавачите кои ќе обезбедат дополнително работно место за невработени лица и невработените лица кои своето вработување сакаат да го реализираат со финансиска поддршка обезбедена од општината, врз основа на претходно утврдени оперативен план и насоки за спроведување на мерките за самовработување, треба да поднесат пријава во архивата на оштината, вели вели Бурим Кадриу од општина Кичево.
Појаснува дека предвидените мерки за самовработување вклучуваат поддршка на претприемништво, бизнис планови, започнување на нови бизниси и имплементација на проекти кои придонесуваат кон намалување на невработеноста во општината.
Кандидатите кои ќе ги исполнат зададените критериуми во оперативниот план и насоки, ќе ги имаат следните права и обрски да регистрираат правен субјект во Централен регистар на РМ да се самовработат, да добијат финансиска поддршка за изработка на бизнис план (износот ќе биде одбиен од вкупната сума на добиениот грант), да користат грант за опрема/материјали во максимален износ од 180.000,00 денари и ослободување од обврска за плаќање комунална такса (фирмарина) во период од две години, да овозможат услови за непречено следење на работата на правниот субјект за времетраење на договорот.
Доколку селектираните корисници на грант кои потпишале договор со општината, не ги почитуваат преземените обврски во договорот, ќе бидат применети предвидените санкции во случај на неисполнување на обврските.
Во случај на престанување со вршење на дејност на правниот субјект пред истекот на две години од датумот на регистрирање на бизнисот, освен во случај на смрт или трајна неспособност, лицето кое ја основало фирмата има обврска во рок од 12 месеци да врати 80 отсто од искористените финансиските средства од Програмата, вели Бурим Кадриу од општина Кичево.
Сите заинтересирани за подетални информации да се обратат до надлежната служба при општината.