Општината Аеродром го зголеми буџетот за 20 пати за заштита на животната средина. За 2018 година се предвидени 300.000 евра за интервентни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Дел од нив се двосменското работење на општинските инспектори, набавка на прочистувачи на воздух за сите градинки, како и изработка на нацрт-план и садење нови дрвја за што се алоцирани 8 милиони денари, се наведува во соопштението на општината.
„Во претходните 100 дена започна изградбата на нов објект за градинката Буба Мара, предвидовме средства за доградба на објектот Црвенкапа на ЈДГОА Срничка, а во тек е обновата на училиштето Димитар Македонски и реконструкција на три улици. Реализиравме еко-акција во чии рамки расчистивме голем број депонии и зелени површини. Воведовме нови проекти наменети директно за граѓаните, како што се еднократна финансиска помош за талентирани спортисти и 3.500 денари за секое првоодделенче, како и преземање на трошокот за обезбедување на училиштата и градинките, кои преминуваат во редовни активности на Општината.
Исто така, се одвоени 3 милиони денари за реновирање на подовите во основните училишта „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“, со што значително ќе се подобрат условите за квалитетно образование, а создавањето врвни услови во училиштата ќе биде наша постојана заложба.
Општината веќе не се придржува до договори кои не се во интерес на граѓаните, како проектот Тениска АТП арена, кој наложуваше инвеститорот да се ослободи од комуналии во висина од еден милион евра, а притоа граѓаните да добијат многу мали бенефиции за користење на игралиштата. Општина Аеродром работи посветено, транспарентно и секогаш во корист на своите жители.
Ивица Коневски ја остави Општина Аеродром во градежен хаос, со 62 депонии, несоодветна инфраструктура и недостаток на капацитети во градинките и училиштата. Во мандатот на Коневски, Аеродром се стекна со титулата „најзагадена европска општина“, која работеше во корист на партиската елита на ВМРО ДПМНЕ, наместо за доброто на своите жители.
Им порачуваме на Митески и ВМРО ДПМНЕ да престанат со грубите напади и да почнат да работат како конструктивна опозиција. Нивните лаги веќе не поминуваат“ се додава во соопштението.