Општина Аеродром во претстојниот период ќе спроведе анкета во основните училишта за да се види дали има интерес меѓу учениците за изучување на италијанскиот како втор странски јазик и изрази надеж дека веќе од наредната учебна година ќе заживее иницијативата за изучување на овој јазик во Општина Аеродром, изјави градоначалникот, Златко Марин.
Доколку почне да се изучува италијанскиот јазик, рече градоначалникот, учениците и Општина Аеродром уште повеќе ќе се доближат до италијанскиот народ и култура.
Ваквиот заклучок следеше по средбата на Марин со амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео, кој денеска беше во работна посета на Општина Аеродром.
Како што соопшти општината, на средбата со градоначалникот, на која присуствувал секретарот на Општината, Пламенка Бојчева, како и директорите на основните училшта „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“ и „Александар Македонски“ станало збор за можната соработка во областа на образованието.
Амбасадорот Ромео, во таа насока, ја истакнал клучната пресвртна точка на италијанскиот јазик во Македонија, бидејќи од оваа година, со одлука на македонската Влада, влезе со закон во наставните програми во Македонија како втор странски јазик по избор, со што е овозможено изучување на италијанскиот јазик во основните училишта.
Од општината велат дека амбасадорот, во рамки на средбата, ја нагласил вредноста на италијанскиот јазик како средство на цивилизацијата, и затоа Амбасадата придава највисок приоритет на промоцијата на италијанскиот јазик и култура во соработка со локалните власти. Сепак, ова, како што вели амбасадорот Ромео, не би сакал да се сфати како натпревар со другите јазици, туку како понуда на учениците да имаат можност за изучување на уште еден странски јазик.
Средбата, исто така, била искористена и за отворање можност за соработка на Аеродром со некоја општина во Италија.