Општина Гази Баба набави опрема за Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“ и го екипираше со нови вработени. Претпријатието има и поголеми работни простории во Маџари 1, наместо досегашните 20, сместено е во 300 квадратни метри.
Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски денеска изјави дека ова јавно комунално претпријатие станува вистински сервис на граѓаните кое без никаков проблем самостојно ќе може да ги извршува активностите.
– Работејќи домаќински, успеавме за овие шест месеци да заштедиме 8 милиони денари и нив ги искористивме за опремување и екипирање на ЈКП „Гази Баба 2007“. За овој период успеавме да го дуплираме бројот на вработени во претпријатието со цел да може подобро да се одржува хигиената во општината. Набавивме опрема со која ова претпријатие може да ги одржува и уредува јавните површини. Вработените првпат добија заштитни униформи за работа, изјави Георгиевски.
Претпријатието сега е опремено со нова механизација. Набавени се багер, како и два камиона, од кои еден со посебна опрема за одржување на јавното осветлување.
– Со овие вложувања општината заедно со ЈКП Гази Баба ќе може да ја одржува и сервисира водоводната и каналска мрежа, а ставаме крај на депониите низ општината. Вложуваме средства и правиме секаков напор за да имаме чиста и зелена општина, но во тоа мора да ни помогнат граѓаните, рече Георгиевски, апелирајќи до жителите да ја чуваат чистотата на општината.