Операторите ќе прекинат со реемитување на домашните и странски ТВ канали, освен на јавниот сервис

Од:

Реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските оператори ќе биде прекинато. Операторите ќе го пренесуваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал, едногласно одлучи Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде се обединети сите оператори.

Како што соопштија од здружението, ваквата одлука се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието го донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

За оваа, како што се наведува, принудна одлука да се прекине реемитувањето на домашните и странските ТВ канали, Здружението ги информирало Претседателот на државата, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност.

-Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. Истовремено, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите, стои во соопштението од Здружението.

Воедно, од Здружението на информатичко-комуникациски технологии посочуваат дека поднеле барање до Уставниот суд за донесување времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност.

– Операторите се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошните штети и би се заштитиле корисниците на услуги и целата јавност. И во изминатиот период, Здружението на информатичко-комуникациски технологии укажуваше на штетноста од ваквите измени и ги искористи сите механизми пред сите релевантни домашни и странски институции. Сепак, и покрај подготвеноста на Здружението да биде партнер во процесот на дефинирање на законските решенија кои ќе бидат во интерес на сите страни, а пред сè на корисниците, измените на ЗААВМУ беа донесени на сосема спротивен начин, појаснуваат од Здужението.

Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби. Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да го наплатат користењето на ТВ услугите за периодот додека трае прекинот, стои во соопштението од Здружението.

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on