Народниот правобранител Иџет Мемети денеска до Владата ќе ги достави мерките за спроведување на препораките за подобрување на состојбите со човековите права и слободи, што тој ги констатирал, бидејќи пратениците не ги изгласаа на вчерашната собраниска седница.
Реакциите од народниот правобранител следуваат откако во Парламентот не беа изгласаа предложените мерки со кои требаше да се задолжи Владата преку носење одлуки и законски измени да ги подобри состојбите во сферата на човековите права
– Ќе барам Владата да ги стави мерките на седница и да ги задолжи државните органи да ја поправат состојбата. По шест месеци ќе барам да ме информира Владата до каде е остварувањето на мерките кои што ќе ги предложам, изјави Мемети на денешната прес-конференција.
Рече дека вчера на собраниската седница имало кворум, но и покрај тоа Годишниот извештај за состојбата со човековите права и слободи во Македонија и пакетот мерки за нивно подобрување пратениците не беше изгласан.
– Кога се расправаше за извештајот имаше кворум. Само од парламентарите групи кои имаат мнозинство имаше 45 пратеници, а вкупно имаше повеќе. На моментот на гласање имаше повеќе од 60 пратеници, но за жал не беа изгласани мерките, рече Мемети.
Тој смета дека народниот правобранител треба да има најголема поддршка токму од Собранието за да врши контрола врз извршната власт.
– Собранието не успеа да ја одигра улогата што му ја дава Уставот, да биде контролор на извршната власт. Апелирам да не ја испуштаат таквата улога, додаде Мемети.
Дополнително, според новиот Закон за народен правобранител од април годинава, Парламентот мора да го усвои извештајот на Омбудсманот и да ја задолжи Владата да ги исполни зададените мерки.
Мемети на прес-конференцијата наведе неколку од мерките кои се содржани во извештајот, a се однесуваат на полициските овластувања, на правосудството, социјалната заштита, пензиското и инвалидско осигурување, здравствената заштита, правата на детето, избирачките права, правата на бегалците и мигрантите …
– За полициските овластувања меѓу другото предложив да се зајакне надворешниот контролен механизам врз работата на полицијата и обвинителството, како и да се избришат гумените куршуми и електричниот парализатор како средства за присилба што ги користи полицијата, рече Мемети.
Од областа на судството, како што посочи, бара од Владата да им наложи на органите на државната управа да го подигнат квалитетот на соработка со управното судство.
Со мерките се бара децата фантоми од улица да се запишат во матичните книги, да не се распишуваат огласи за групно вработување во администрацијата без потреба, реализација на проектот за регионални депонии и надградба на системот МојТермин затоа што, како што рече, има хаос во здравството.
Народниот правобранител денеска се сретнал со пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, кои како што рече, прифатиле дека требало да ги изгласаа препораките.
Усвојување на мерките наведени во Извештајот на правобранителот од Собранието на РМ и задолжувањето на Владата да ги спроведе прв пат требаше да се случи откако е сменет Законот за народен правобранител, а е препорачано и од експертската група на Прибе.