Државната комисија за жалби по јавни набавки ги одбила жалбите за доделување на концесијата на Охридско езеро кои укажуваа на недоследности и низа пропусти во постапката. За доделување на концесијата се жалеше само компанијата „Питон “ оти само таа остана до крај на постапката, останатите се повлекоа.
Од „Питон“ се изненадени од одлуката на Комисијата оти едната жалба е одбиена како неплатена иако надоместокот бил уредно платен, а другата жалба ја отфрлиле како ненавремена иако била поднесена по објавувањето на одлуката за новиот концесионер во Службен весник. Државната комисија за жалби по јавни набавки нема објаснување за одлуките. Од Комисијата не одговорија на прашањата од „А1он“ зошто како неплатена е одбиена жалбата за која жалителот вели дека платил и зошто другата жалба е одбиена како ненавремена иако била поднесена по објавата во Службен весник.
„Во образложението на првата жалба која се однесува за нерегуларниот избор на концесионерот на Охридско Езеро со некомплетна документација и истечени рокови на понудите за јавно наддавање како и индиции за злоупотреба на постапката, стои дека жалбата сме ја поднеле пред време. Ја поднесовме веднаш по објавата на одлуката на Владата во Службен весник. Тие ни забележаа дека сме преураниле оти кај нас не била испратена одлуката. За да не оставиме ништо на случајност, поднесовме и втора жалба, откако ја добивме одлуката на наша адреса. И таа жалба ни ја отфрлија, образложија дека е неплатена иако и во самата жалба има доставено прилог доказ за платени административна такса и надомест за водење жалбена постапка“, велат од „Питон“.
Тие подготвуваат жалба до Управниот суд од каде очекуваат дека некој ќе ја преиспита целата постапка за доделување на концесијата за Охридско Езеро. Претставка ќе дадат и до Државната комисија за спречување корупција, поради сомневањата за злоупотреба на јавниот повик и постапката за доделување на концесијата.
„А1он“ веќе објави дека концесијата е доделена во незаконска постапка со истечени рокови и некомплетна документација од избраниот концесионер.
Рибари кои работеле во фирмата на досегашниот концесионер, за „А1он“ сведочеа дека новоизбраниот концесионер, Милорад Чавкоски и досега располагал со Езерото но преку друга компанија.