Вработените што треба да го штитат охридскиот крап, фатени како го крадат со мрежа

Од:

Двајца рибари, вработени кај концесионерот на Охридското Езеро, рано утрово биле фатени во бесправен лов, дознава „А1он“. Ловеле охридски крап со мрежа во зона забранета за стопански риболов на само неколку чекори од Езерската полиција.

МВР потврди дека во криволов биле фатени двајца рибари.

„Утрово, во 6.20 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор ‘Охридско Езеро’, на подрачјето од рекреативната зона ‘Мазија’, каде што е забранет стопански риболов, во метален чамец, во бесправен риболов на охридски крап со мрежа, затечени се 53-годишниот Т. Т. и 50-годишниот А. Ф., двајцата од Охрид. Тие се повикани на разговор во полициската станица и против нив ќе биде поднесена пријава според Законот за рибарството и аквакултурата“, изјавија од Министерството за внатрешни работи за „А1он“.

Милорад Чавкоски, сопственикот на фирмата „Летница – белвица“, концесионер на Охридското Езеро, за „А1он“ вели дека размислува да ги отпушти рибарите.

„Двајцата се вработени кај мене. Рибари се. Може не знаеле на која длабочина смеат да ловат. Знаев дека ќе одат на работа, но не знаев дека ќе одат толку рано. Можно е да ги отпуштам“, вели концесионерот Чавкоски.

„А1он“ во август годинава објави истражување со сведоштва на рибари што тврдеа дека по налог на концесионерот на езерото, ловеле шест тони риба, но заведувале само два, а остатокот завршувал кај концесионерот. Се пожалија дека ловеле риба и кога на претходниот концесионер му била одземена концесијата оти така им наложувал. Рибарите велат дека сегашниот концесионер на езерото не е нов, туку е истиот, но со нова фирма. Сегашниот концесионер Чавкоски е сопственик на „Летница – белвица“, а претходно беше управител на „Пастрмка – 2013 Струга“, која, пак, е подружница на „Пастрмка 2012“ – претходниот концесионер на езерото.

Концесионерот Чавкоски тврди дека не ги терал рибарите да ловат риба бесправно.

„Мене не ми е во прилог да терам некој да лови риба бесправно, а јас да плаќам концесија. На рибарите им исплаќаме пари за ловот“, вели Чавкоски.

На прашањето зошто неговите рибочувари не го спречиле криволовот, Чавкоски вели: „толку е моќта на чуварската служба“.

„Езерската полиција се наоѓа до местото каде што се случил настанот, затоа и ги фатиле. Езерото не е фабрика, па да излегуваш од капија. Максимално се трудиме. Рибочуварот не видел. Најверојатно, ќе го отпуштам и рибочуварот во тој реон“, вели концесионерот Чавкоски.

Доделувањето на концесијата за езерото на Чавкоски беше проследено со низа забелешки и обвинувања за пропусти и незаконски постапки, но Државната комисија за жалби по јавните набавки ги одби сите жалби.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Украсена подводната новогодишна елка на дното на Охридското езеро

Ана Ололовска

Инспекциски служби вршат проверка на работењето на концесионерот со Охридското Езеро

Ана Ололовска

Охридското Езеро доби нов концесионер – со рибниот фонд ќе стопанисува фирмата „Летница Белвица“

Ана Ололовска

Десет години од бродската несреќа на Охридското Езеро

Ана Ололовска

Поради болки Марко се откажа од намерата да го преплива целото Охридско Езеро

Ана Ололовска

Малиот Марко Пејчиновски против охридските далги, овојпат плива за лицата со ретки болести

Татјана Ташкова