Охридски дубари: Со различни фирми, исти газди незаконски добија концесија за Охридско Езеро

Од:

Новиот концесионер на Охридско Езеро, Милорад Чавкоски, кој треба да го заштити рибниот фонд, има бизнис-релации со досегашниот концесионер Ристе Танаскоски, чија концесија беше одземена. Чавкоски е сопственик на „Летница-Белвица“, новоизбраната фирма концесионер на езерото, а истовремено сè уште е управител на „Пастрмка – 2013 Струга“ подружница на „Пастрмка 2012“, компанија на која лани ѝ беше одземена концесијата поради непорибување и неплатени обврски кон државата, сопственост на Танаскоски.

Чавковски е управител во подружницата на „Пастрмка 2012“, фирма која лани ја изгуби концесијата
Чавковски е управител во подружницата на „Пастрмка 2012“, фирма која лани ја изгуби концесијата – Извод од Централен регистар

На аукцијата за концесијата, од седум пријавени, наддавале само две фирми, „Летница-Белвица“ и „ ЗЗ Охридска риба Струга“, двете поврзани со Чавкоски и Танаскоски. Двајцата се партнери во фирмата „Езерска риба“ каде сопственоста ја делат со трето лице, Пепи Винца, кој, пак, е сопственик на „ЗЗ Охридска риба Струга“, фирмата која изгубила на наддавањето.

Од ова произлегува дека било сосема небитно која од двете фирми ќе ја добие концесијата бидејќи сопственоста води до истите лица. Поради тесните врски меѓу стариот и новиот концесионер, охриѓани не веруваат дека криволовот ќе биде спречен.

Бизнис врските меѓу Чавкоски и Танаскоски
Бизнис врските меѓу Чавкоски и Танаскоски

Пропусти во изборот на новиот концесионер

Концесионерот е избран со низа пропусти, покажуваат документите до кои дојде „А1он“. Двајцата понудувачи доставиле документ за финансиска способност за две години, наместо за три, како што се бара во тендерот.

Како друг голем пропуст во доделување на концесијата, според документацијата, е бројот на вработени. „Летница-Белвица“ во моментот кога ја добила концесијата имале пет вработени рибочувари, иако за добивање на тендерот фирмата требало да има непрекинато 12 рибочувари. Еден од петте рибочувари во „Летница-Белвица“, според прегледот во пријавите и одјавите на фирмата во Агенцијата за вработување заклучно со јуни 2019, е и сопственикот Милорад Чавкоски. На листата на вработени како рибочувар е пријавен и неговиот син, Никола Чавкоски.

Извод од Агенцијата за вработување
Извод од Агенцијата за вработување

Сите рибочувари во „Летница-Белвица“ се вработени во  декември 2018 година, само неколку дена пред отворањето на понудите за концесија на Охридско Езеро. Во јуни, кога Владата одлучи да му ја додели концесијата на Чавкоски, „Летница-Белвица“ нема доволно рибочувари за да ги исполни условите на тендерот.

Трет пропуст поради кој концесијата не требало да биде доделена се пробиените рокови по отворањето на понудите. Според Законот за јавни набавки, по отворањето на понудите, во рок од 45 дена треба да се донесе одлука. Но во случајот со концесијата за риболов на Охридско Езеро, понудите биле отворени на 24 декември минатата година, а одлуката за доделување на концесијата, Владата ја донесе во јуни годинава.

Освен тоа, рокот на понудите доставени од заинтересираните компании е 120 дена, а гаранциите се со рок од 150 дена. И едниот, но и другиот рок се пробиени.

Гаранциите во тендерската документација
Гаранциите во тендерската документација

Министерот за земјоделство не е информиран за постапката, Заев вели дека сè е во ред

И покрај очигледните пропусти во постапката, концесионерот „Летница-Белвица“ е избран. Министерот за земјоделство, Трајан Димовски, кој ја наследи постапката за концесијата, бидејќи беше назначен по „метлата“ на премиерот Зоран Заев, вели дека не е информиран за настаните околу рекреативниот и стопански риболов во Охридско Езеро.

„Треба да видам за што точно правиме муабет. Јас знам дека за концесиите малку се одолжи периодот бидејќи тие се издаваат за шест години, а шест месеци пред истекот на обврската ние треба да објавиме тендер. За жал, од тие шест месеци, четири бевме пред избори, каде што не можеше да се реагира. Но конкретно, ќе морам  да проверам лично“, вели министерот Димовски, кој до минатиот месец беше шеф на кабинет на неговиот претходник.

Малку поинформиран за концесијата на Охридско Езеро е премиерот Зоран Заев. Тој не ја исклучува можноста концесијата да биде прекината.

„Условите за доделување концесии се јасно напишани. Дел од фирмите кои конкурирале не ги исполниле условите. Фирмите кои ги исполниле се стекнуваат со правото за доделување  концесии преку одлука на Влада. Оваа фирма која ги исполнила условите ја добила концесијата и одлуката е донесена. Не знам претходно што тоа лице имало слабост, јас не сум во тек. Веројатно и таа фирма која добила негативна референца не може да конкурира, а санкцијата го дала резултатот. Но секако, секој има право да конкурира согласно законот и тоа право го искористил. Секогаш во постапките се знае, ако се појави девијантна појава, концесијата може да биде прекината во секој момент“, објасни премиерот Заев за „А1 он“.

За начинот на избор на концесионерот се пожалиле само од компанијата „Питон“, чија понуда била отфрлена. Сопственикот Цветко Чолески вели дека поднеле две жалби за пробиените рокови и очекува повторување на постапката.

Неофицијално, токму поради жалбата од „Питон“, новиот концесионер „Летница-Белвица“ не може да почне со работа. Жалбената постапка е сè уште во тек.

Староновиот концесионер Милорад Чавкоски е недостапен да објасни за пропустите во постапката за добивање на концесијата.

Продолжува…

Би можело да ве интересира

По низа скандали и кражба на риба, државата ја одзема концесијата за Охридското Езеро

Вработените што треба да го штитат охридскиот крап, фатени како го крадат со мрежа

Охридски дубари: Жалба за концесијата на Охридско Езеро одбиена како неплатена, иако има докази дека е платена

Чавкоски тврди дека законски добил концесија на Охридско Езеро

А1он

(ВИДЕО) Сведоштва на рибари: Ловевме шест тони риба, се заведуваа само два, остатокот завршуваше кај концесионерот