Со пригодна програма и повеќе активности Општина Охрид, граѓаните и институциите што го носат неговото име ја одбележуваат 110-годишнината од херојската смрт на војводата Христо Узунов.
Свеченостите во чест на Узунов почнаа денеска напладне пред неговата куќа, каде пригодна реч одржа историчарката Наташа Котлар од Институтот за национална историја, осврнувајќи се на животот на Узунов преку историски документи.
– Едни личности ја создаваат, а други ја следат историјата. Узунов е секако во оние кои ја создаваат историјата. Тоа е личност со рановсадена и постојано култивирана свест за високите вредности на човечкото достоинство. Верен на револуционерниот концепт за слободна Македонија, истакна Котлар.
На пригодниот собир беше промовирана и книгата „Спомени“ од Ангел Узунов.
Чествувањата продолжија во центарот на Охрид со манифестацијата „Акорди и стихови за Христо Узунов“, каде осврт врз делото на војводата одржа и градоначалникот Никола Бакрачески.
– Се собравме денеска да ја одбележиме 110-годишнината од херојската смрт на Големиот охриѓанец, револуционерот Христо Узунов, но и да ја славиме храброста, посветеноста и љубовта кон татковината. Узунов, во колективната меморија на македонскиот народ ќе остане врежан како пример за херојство и саможртва , јунак за кого љубовта и обврските кон татковината биле поголеми од оние кон сопствената мајка, рече меѓу другото Бакрачески.
Вечерва со почеток од 18:30 часот во Центарот за култура „ Григор Прличев“ ќе биде отворена тематска изложба на ликовни творби од ученици од ОУ„ Христо Узунов“, како и свечената приредба на училиштето по повод патрониот празник.
Чествувањата продолжуваат и утре на 24 април на денот на погибјата на Узунов, со положување цвеќе на споменикот на Узунов во Градскиот парк, а во 11 часот ќе се одржи поклонение за војводата на местото на неговото загинување во селото Цер-Кичевско.
Откако биле опколени од многуброен аскер засилен со артилерија, Христо Узунов заедно со 11 негови соборци на 24 април 1905 година извршиле саможртва, за да не паднат живи во рацете на Турците. Узунов е еден од плејадата големи македонски револуционери, учител и војвода, роднина на Григор Прличев. Роден е во Охрид, на 22 февруари 1878 година.