Огнот на Скопска Црна Гора се доближил на 300 метри од куќите кај Блаце, пожарникарите велат синоќа го изгасиле

Од:

Огнот на Скопска Црна Гора се доближил на околу 300 метри од селото Блаце, алармираат на социјалните мрежи жители на селото. Откако завчера на многу непристапен терен на планината над селото Горњани во општина Чучер Сандево избувнал пожар, вчера од 10 часот екипи на скопската Бригада за противпожарна заштита со авионска поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување го гаселе огнот. Пожарот бил целосно изгасанат во 19.30 часот. Командантот на скопската противпожарна бригада Владимир Симоновски вели дека утрово немале пријава дека пожарот пак е активен.

„ Синоќа огнот на Скопска Црна Гора беше целосно локализиран. Нашите екипи се вратија во базата во Автокоманда со извештај дека оган повеќе нема. Имавме и авионска поддршка од дирекцијата, се гаснеше со авиони. Ако пак се појавил оган значи некој го потпалил ноќеска. Кај нас нема пријава дека пожарот повторно е активен“, изјави командантот Симоновски за „А1он“.

Најголемо внимание командантот вели дека посветиле на спречување на огнот да ја зафати шумата околу црквата Св. Богородица, поради опасноста од таму лесно да се прошири до куќите во селото Горњани.

Жителите на Блаце, пак, велат дека селото Горњани е од една, а селото Блаце од другата страна на огнот во планината. Се жалат дека од нивната страна огнот не бил изгаснат и веќе трет ден се доближува до куќите.

Наспроти нивните тврдења и Дирекцијата за заштита и спасување извести дека вчера дале воздушна поддршка за справување со пожарот во општина Чучер Сандево.

„ Со 6 налети на авионите беа исфрлени 15.000 литри вода со што пожарот беше ставен под контрола. Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните на совесно однесување и заштита на шумите“, извести Дирекцијата за заштита и спасување.

Би можело да ве интересира

Обвинителство бара притвор за подметнувачот на пожар кај брана Водоча

А1он

Активни се 14 пожари, четири се под контрола

Сѐ уште е активен пожарот во селото Нерав, и АРМ ќе се вклучи во гасењето

Поради пожарите, прогласена е вонредна состојба во Врање

Пожарот на планината Готен се очекува да се приближи до селото Јаргулица, во зависност од насоката на ветрот

(ВИДЕО) Турција во пламен, се огласи Ердоган: Подигнавме 27 авиони, 105 хеликоптери, десетици илјади луѓе…