Општина Карпош е соочена со континуирани поплаки од граѓаните кои живеат во колективни станбени згради и граѓани кои живеат во индивидуални куќи. Поплаките се во континуитет на една тема – одржувањето на хигиената. Граѓаните на Карпош кои што живеат во индивидуални станбени објекти никогаш не се жалеле на подигнувањето на кантите за смет. Тие секогаш и редовно се подигаа два пати неделно, во сите индивидуални населби. За жал, последниве десетина месеци сведоци сме на нередовно подигнување на кантите со смет во Влае, Тафталиџе 1, Тафталиџе 2, Млечен ресторан, цело Козле, Трнодол, Жданец, Нерези, велат од општина Карпош.
„Од два пати, почнаа да ги подигнуваат еднаш неделно, а некогаш ниту еднаш. Иако граѓаните плаќаат ѓубретарина и за куќата и за дворот, собирачите на смет одбиваат да ги подигнат уредно спакувани кеси со кастрени огради или со косена трева. Значи воведуваат нови правила кои само нив им одговараат. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. Собирање на сметот од пред колективните станбени згради од секогаш повеќе или помалку бил рак рана. Но, сега ова состојба е доведена до ужас. Готово да нема контејнери кои се преполни со смет како и околината околу нив.
Ова произлегува од нередовното собирање на истиот и крајно стихијно неорганизирано и неодговорно за јавно претпријатие кое има исклучително важна задача за да метрополата ни изгледа поубаво. Граѓаните на Карпош, од сите граѓани во Градот Скопје се најдобри плаќачи на сметките за смет. Значи Карпош има највисок процент на наплата и ЈП комунална хигиена, најмногу приходи собира од оваа општина.
Граѓаните на општина Карпош ваков однос на ЈП Комунална хигиена не можат повеќе да толерираат и затоа локалната самоуправа упатува апел до ЈП Комунална хигиена:
ВЕ МОЛИМЕ ПОДОБРЕТЕ ГО ВАШИОТ РАБОТЕН ОДНОС КОН ОПШТИНА КАРПОШ. ВРШЕТЕ ЈА РАБОТАТА ЗА КОЈА ШТО ЗЕМАТЕ ПАРИ ОД ГРАЃАНИТЕ. ВО СПРОТИВНО НАШИТЕ КОМУНАЛНИ ИНСПЕКТОРИ ЌЕ ПИШУААТ СЕКОЈДНЕВНИ КАЗНИ ЗА СЕКОЕ МЕСТО КАДЕ ИМА КОНТЕЈНЕРИ КОИ СЕ ПРЕПОЛНИ.
Општина Карпош како дел од Градот Скопје нема намера да војува со ЈП комунална хигиена. Само во името на граѓаните бараме драстично да се подобри индивидуалната хигиена. Во спротивно ќе бидеме принудени да пишуваме казни на правното лице и на одговорното лице во правното лице. Од вторник , 22 април, инспекторите на општина Карпош ќе започнат со контрола на теренот и со преземање на законски мерки. Доколку Комунална хигиена го сфати нашиот апел сериозно и ја подобри својата работа, општина Карпош јавно ќе се заблагодари и ќе го пофалиме коректниот однос на менаџментот на ова претпријатие“.