На денешната конференција за „Одржливост на новите медиуми“,четиринаесет интелектуалци, новинари, експерти за медиуми, уредници и претставници од маркетинг секторот дискутираа околу новите медиуми, онлајн новинарството и проблемите со кои се соочуваат истите во земјата.
Во организација на Фондацијата Метаморфозис, освен македонските професионалци, имаше и гости од странство (Тони Габриќ од Хрватска и Маркус Икстад од САД), а како главни проблеми говорниците ги истакнаа финансиската одржливост и зголемувањето на професионалните и етичките стандарди во известувањето.
Бардил Јашари, директор на Фондацијата Метаморфозис, истакна дека од конференцијата очекуваат размена на искуства, особено со експертите од САД и Хрватска.
„Сметаме дека искуството од Хрватска е поблиско до македонскиот контекст, не само затоа што делиме заедничко минато, туку и заради политичкиот и економскиот контекст кои во моментов не се разликуваат многу“, изјави за А1он Јашари.
Тој посочи дека најголемиот проблем со кои се соочуваат новите медиуми во Македонија е практиката новинаритекон нив сеуште да пристапуваат исто како кон традиционалните, што значи не прилагодување на содржините кон интернетот, а со тоа и не прилагодување кон динамиката на новите медиуми кои во текот на денот константно бараат нови и свежи информации.
„Вториот проблем е финансиската одржливост бидејќи пазарот за реклами на интернет според наши сознанија е 1% од вкупниот пазар за реклами. Сеуште бизнисот и другите инситтуции не го гледаат интернетот како место за рекламирање,со тоа не вложуваат многу пари, а сето тоа ја отежнува работата на новите медиуми. Третиот проблем е новиот Закон за медиуми кој сега е во припреми, а истиот ако помине таков каков што е, дополнително ќе ја отежни работата. Наш став е дека воопшто не треба да има закон за медиуми, туку прашањата кои ги третира законот да бидат во рамките на другите закони“, истакна тој.
Тони Габриќ, од Хрватска, како главен уредник на h-alter.org, објасни дека непрофитните медиуми во Хрватска се соочуваат со голем број предизвици и проблеми. Иако пред десетина години во државата бил донесен нов Закон за медиуми и Закон за електронски медиуми, сепак најголемиот проблем со кој се соочуваат непрофитните медиуми е немањето можност за долгорочно финансиско планирање. Новитет е дека Хрватска решила да одвои повеќе финансии за непрофитните медиуми, но со конкурсот што чекаат да биде распишан, државата настојува да ги дефинира непрофитните медиуми како дијаметрално спротивни на мејнстрим медиумите, и тематски да ги оддалечи од нив.
„Работењето само на споровозни теми нас ни се гледа спорно, бидејќи не само во Хрватска туку и општо мејнстрим медиумите се истрошени и треба некој да го пополни тоа полето на истражувачко новинарство. Друга важна работа е дека во нацртот на конкурсот се поттикнува критичко новинарство, но не она кое ќе биде доушничко, одосно на некој начин пишувањето да биде теоретско. Се настојува да се дадат пари на непрофитните медиуми, но всушност да им се отупи оштрицата“, објаснува за А1он Габриќ, додавајќи дека тоа може да доведе до автоцензура, а на конкурсот да поминат оние медиуми кои нема да ги обавуваат своите функции како истражување и критикување.
Од македонските воведничари, новинарот Бранко Геровски од Плусинфо истакна дека еден од клучните проблеми во Македонија е отсуството на плурализам во медиумите, како и непостоење на медиуми кои не се под влијание на власта, посочувајќи дека се поголема е намерата да се стават под контрола интернет медиумите кои не се блиски до власта. Како пример тој го наведе бруталното затворање на медиумите, економското исцрпување и масовната корупција на медиумските газди и уредниците каде власта се рекламира, велејќи дека компаниите не сакаат власта да им биде непријател па затоа и се рекламираат во подобните медиуми.
„Новинарите работат со прескромни примања, во лоши услови, не сакам никој да се навреди, но почетници во невладини организации имаат поголеми плати од било кој уредник во овие нови медиуми. Мојот излез од оваа ситуација е да се оформи некаков одржлив општествен модел за новите медиуми кои ќе доминираат во интернет сферата, но ако преживеат во меѓувреме“, рече Геровски.
Елида Зилбеари, уредник во Порталб, посочи дека како медиум кој создава содржини на албански јазик се соочуваат со сериозна конкуренција и со медиумите од Косово и Албанија.
„Голем проблем е дека фирмите во Македонија не го гледаат интернетот како место каде би се рекламирале. Се чувствуваат посигурно на телевизија или во весник, ова се менува, но сега засега е тешко интернет порталите да бидат носачи на рекламиот простор“, истакна таа.
Бардил Јашари рече дека од експертот од САД Маркус Иксад очекуваат дека ќе даде идеи за некои нови модели кои ќе може да се искористат во државава. Тој смета дека овие модели треба да бидат прилагодливи за да се применат, бидејќи моделите за одржливост на медиумите многу зависат од тоа каков е политичкиот и економскиот контекст.
„Сепак сето ова исто така зависи и од законската рамка која ако овозможи и поттикне одржливост на медиумите, ќе го подобри и зголеми плурализмот во медиумите, и исто така ќе овозможи граѓаните квалитетно да се информираат“, заклучи Јашари.
Темјана Поповска