Со полагање цвеќе на спомен-обележјето и армиски почести во Касарната Илинден денеска беше одбележана годишнината од загинувањето на бранителите на Љуботенски Бачила од 2001 година.
Пред спомен-обележјето на осуммината бранители се поклонија делегации на Владата на Република Македонија предводена од министерот за здравство Никола Тодоров, од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, делегација од Министерството за одбрана предводена од државниот секретар Сашо Стефановски, здруженијата на бранители „Бедем“ од Гостивар и на Прилепските бранители, како и членови на семејствата и на МЗ Љуботен.
Со комеморативна свеченост, положување цвеќе и армиски почести денеска почит на бранителите од село Волково им одаде и Општина Ѓорче Петров.
Покрај семејствата на бранителите и градоначалникот Сокол Митровски, пред споменикот во Волково цвеќе положија и Јохан Тарчуловски со делегација на Здружението бранители Бедем од 2001, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски со делегација од АРМ, здружението Прилепски бранители, здужението Херои на Македонија, Советот на општината, претставници од политичките партии, од полициската станица Ѓорче Петров, здруженијата на борците и пензионерите, како и претставници од месните и урбаните заедници, училиштата, градинките, јавните институции и фирми, роднини, пријатели, граѓани.
– Историјата и спомениците бележат вкрстување на времиња и генерации, а тоа зборува дека нашите граѓани го негуваат споменот на нашите херои и им оддаваат почит на своите заслужни чеда. Спомениците на бранителите кои општината денес достоинствено ги чествуваше, ни порачуваат надеж и верба да истраеме во борбата за нашата самобитност и афирмација, беше истакнато на одбележувањето 12 години од смртта на бранителите.