Уличното активистичко списание „Лице в лице“ се приклучи кон глобалниот настан за одбележување на Меѓународната недела на продавачи на улични весници што од денеска до 10 февруари се одржува како дел од активностите на Интернационалната мрежа на улични весници (ИНСП), со седиште во Глазгов.
Низ 600 градови во светот, меѓу кои преку „Лице в лице“ е вклучен и градот Скопје, на шест континенти, 140 улични весници ги поттикнуваат уличните продавачи да заработат за пристојна егзистенција и да се издигнат над сиромаштијата во која се нашле.
Во мрежата се вклучени 28.000 продавачи кои секојдневно на улиците на Скопје, Белград, Загреб, Милано, Глазгов, Манчестер, Кејп Таун, Мелбурн, ги продаваат овие изданија и се борат против сиромаштијата.
Како дел од Меѓународната недела на продавачи на улични весници, денеска на плоштадот Македонија во Скопје ќе се одржи промоција на третиот број на „Лице в лице“, на која ќе присуствуваат јавни личности, меѓу кои поп пејачката Каролина Гочева, академскиот сликар Сергеј Андреевски, водителот Жарко Димитриоски и модните дизајнери Тања Кокев и Ненад Секирарски.
– Тие се дел од познатите личности кои го поддржаа „Лице в лице“ и кои заедно со продавачите ќе излезат на плоштадот да го промовираат списанието. Во рамките на оваа недела ќе ги претставиме и новите продавачи на „Лице в лице“. Во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, на тимот се приклучуваат десеттина бездомници, кои преку едукативната и инклузивна програма на „Лице в лице“ ќе се обидат да си обезбедат подобра иднина, соопштуваат од ова списание.
Како дел од одбележувањето на глобалниот настан, продавачите на „Лице в лице“ ќе посетат повеќе компании и организации и Холандската амбасада каде ќе се дружат со вработените, но и ќе им го понудат новиот број на списанието. Уличните продавачи неделава ќе имаат и интензивни тренинзи за подобрување на своите комуникациски вештини.
„Лице в лице“ е активистичко списание, кое го промовира моделот на социјално претприемништво кај нас. Го продаваат деца на улица, бездомници и припадници на маргинализирани групи, а половина од продажната цена на списанието оди директно за нив. Списанието е дел од Регионалната платформа за активизам LICEULICE, која во Македонија ја спроведува Центарот за медиумски активности од Скопје.