Одбележани 75 години постоење на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици

Од:

На 16 декември 1946 година се одржало првото предавање на македонски јазик на високообразовна институција. Предавањето било на македонски, но и за македонскиот јазик, со што се поставени темелите на денешната Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици. Истовремено, тогаш е формиран и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кој годинава, исто така, одбележува 75 години постоење.

Катедрата денеска ја одбележа годишнината со пригодна програма „Свечен час – средба на генерации“. Раководителката проф. д-р Искра Пановска-Димковa во поздравното обраќање рече дека Катедрата ја има честа нејзин основач и прв раководител да биде великанот на македонската наука за јазикот Блаже Конески, во чија чест Филолошкиот факултет денес го носи неговото име, а државата годинава слави еден век од неговото раѓање (1921-1993).

Истакна дека делото на Конески и неговите современици – професори од Катедрата кои придонеле во развојот на јазикот, ги обврзуваат и натаму да ја развиваат наставно-научната дејност за идните генерации македонисти и им се поттик, како што рече, за уште посмела афирмација на македонскиот јазик на внатрешен, но и на меѓународен план.

Посочи дека во изминатите седум и пол децении на Катедрата дипломирале над 2000 студенти, а најголем дел од нив се наставници по македонски јазик и книжевност во основните и средните училишта. Македонскиот јазик е една од најважните студиски програми што се изучуваат на Филолошкиот факултет, рече раководителката на катедрата, посочувајќи дека во текот на годините постојано се развиваат нови и современи предметни програми кои се во чекор со развојот на лингвистичката наука во светот.

– Нашите дипломирани студенти денес се признати стручњаци во своите области – наставници, професори, лектори, преведувачи, писатели, новинари… Да се студира мајчиниот, македонски јазик, е посебно благородно искуство. Сите го зборуваме, но само со неговото длабинско проучување го запознаваме целото негово богатство на зборови, структури, значења… рече Пановска-Димковa.

Деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска, рече дека Катедрата привлекува нови генерации кои имаат желба да се профилираат во проучувачи на македонскиот јазик, дека била домаќин на многу научни конференции, учесник и партнер во национални и меѓународни проекти, со значајни резултати за својот развој, како и реализатор на специјализирани тестирања и испити за потребите на други институции.

-Една богата и шаренолика континуирана активност и присутност, рече Дучевска, додавајќи дека и Катедрата во своето опстојување имала свои животни циклуси, свои пролет, лето, есен и зима, а дека сега, во 21 век, е на прагот на нов циклус кој, како што рече, нè води до прашањето: Што понатаму? Седумдесет и пет години постоење и активност се доволно долг период за рефлексија на ова прашање, а одговорот, рече таа, ќе има свој израз во наредните 25 години, на стотиот роденден од основањето.

-Го честитам јубилејот со желба за воведување нови, свежи, квалитетно подобрени концепти и пристапи кон работата, за континуирано зајакнување на своите капацитети, како и за поставување високи цели и стандарди што ќе ја направат Катедрата институција со исклучително квалитетни обележја, рече деканката на Филолошкиот факултет.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски ја истакна и улогата на оваа катедра за грижата за македонскиот јазик на универзитетите во странство и контактите со речиси сите славистички центри во светот, како и ангажманот за подготовка на странски студенти што сакаат да се запишат на Скопскиот универзитет.

-Меѓународниот подем на македонистиката во светот особено доаѓа до израз со основањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во 1967 година, во чие организирање и функционирање Катедрата дава значаен придонес со предавањата на летната школа во Охрид, рече ректорот Јанкуловски.

За богатата научна дејност на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и за историската улога на првите нејзини професори и втемелувачи зборуваа и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, и д-р Димитар Пандев, проф. на Катедрата со излагањето „Нашите први професори“.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

A1on

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Мојсова-Чепишевска: Уште утре треба да почне новото поглавје на развојот на македонистиката во Риека

Ана Ололовска

Институции и културно-историски знаменитости вечерва ќе бидат обоени во чест на македонскиот јазик

Ана Ололовска

Чествување на македонскиот јазик во УКИМ, доделени признанија за придонес за афирмација на македонистиката