На спомен-обележјето во спомен паркот Моклиште кај Ваташа денеска беше одбележана 71-годишнината од стрелањето на 12-те ваташки младинци.
Пред многубројните присутни кои дојдоа да оддадат почит на стреланите младинци говореше професорот по историја Мики Камчевски.
– Селото Ваташа во текот на својата многувековна историја има дадено плејада револуционери и борци за слобода на својот народ кои со своите дела го одбележаа времето во кое што живееја. Ова тиквешко село со право може да се нарече не само револуционерен, туку и културно просветен центар на Тиквешијата, бидејќи истото даде голем број преродбеници и просветители, како во постарата така и во поновата историја на овој крај, нагласи Камчевски.
Во рамки на одбележувањето на 71-годишнината од стрелањето на младинците од Ваташа голем број делегации положија цвеќе на спомен обележјето во Моклиште.