Денот на народното востание во Македонија, 11 Октомври во Крива Паланка беше одбележан со положување цвеќе на споменикот на паднатите борци од Народноослободителната борба, лоциран пред зградата на општината.
На спомен-бистата цвеќе положија делегација од општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски, делегација од Советот на општина Крива Паланка, од политичките партии и општински Сојуз на Борци од НОБ.
Присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на паднатите борци.
– На овој светол ден со гордост и почит се сеќаваме на сите наши предци, Македонци, од различни националности кои со пушка во рака се бореле и избориле за заедничката цел-слободата. Нека ни е честит денот на борецот, рече Славе Јовановски, претседател на Сојузот на борци од Крива Паланка.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, истакна дека ние како генерации сме должни да оддадеме почит кон сите оние кои се втемелија во државноста на Македонија.
– Со пиетет им се поклонуваме на сите кои се втемелија во државноста и она што се нарекува независна и суверена Македонија, давајќи го најдрагото, својот живот. Им благодарам и на членовите на Сојузот на борци од Крива Паланка кои се почитувачи на вековните традиции и не само на овој настан, туку и сите други значајни датуми во годината, не само на територијата на општината, туку и во околината на Крива Паланка, на сите значајни места и спомен-обележја им оддаваат почит на паднатите борци до по далечната и по блиска историја. Ваквите датуми нека бидат вечен паметник на она што ќе го почитуваме, со надеж никогаш да не се повтори, рече градоначалникот на Крива Паланка.
Членовите на општински сојуз на борци од Крива Паланка положија цвеќе и на спомен-бистата на борците од НОБ во селата Подржикоњ и Луке.