Со воена свеченост денеска во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец се одбележа Денот на Првата механизирана пешадиска бригада на Армијата на Република Македонија.
На свеченоста, покрај началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, присуствуваа и останатите генерали во АРМ, други високи претставници од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, поранешни команданти на бригадата, пензионирани генерали, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.
Како што се наведува во соопштението на Министерството за одбрана, како најголема здружено-тактичка единица во состав на Првата механизирана пешадиска бригада претставува главна борбена сила на АРМ која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси и давање поддршка при природни непогоди и други опасности.
Надвор од територијата на Македонија со декларираните единици учествува во мировните операции и ги исполнува меѓународните воени обврски.
Командантот на Првата механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Зоран Милески во своето обраќање го нагласи успешниот ангажман, високиот степен на обученост, професионалност и одговорност при извршување на задачите кој припадниците Првата механизирана пешадиска бригада го имаат во справувањето со предизвиците од мигрантската криза.
По повод постигнатите резултати на припадници од единиците на бригадата се доделени стимулативни мерки. За најдобра единица од состав на бригадата е прогласена првата чета од инженерискиот баталјон, кој дава особен придонес во спречување на нелегалните преминувања со поставување на безбедносната ограда на нашата јужна граница. На крајот од свеченоста единиците од составот на бригадата изведоа свечено дефиле, а учениците од ОУ„ Гоце Делчев“ од Петровец пригодна културно забавна програма. Изминатите денови во чест на Денот на единицата се одржаа и голем број спортски натпреварувања и крводарителски акции.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување денови на единиците на АРМ за ден на Првата механизирана пешадиска бригада е одреден 2 април, како датум на кој оваа единица е трансформирана согласно новата организациско-формациска структура на АРМ.