Денеска, во Министерството за надворешни работи беше одбележан Денот на Обединетите Нации (24 октомври) со свечена церемонија и пригодни обраќања на: Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и резидентниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон.
Оваа година се одбележуваат 73 години од постоењето на Обединетите Нации, а во главниот фокус и понатаму останува темата „Никој да не биде изоставен“.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање се осврна на целите и принципте од Повелбата на ОН, како и на значењето на соработката која Република Македонија ја има со ООН: „Мораме да бидеме искрени и да кажеме дека независноста и местото во меѓународната заедница на нашата земја беше, и сè уште е силно поддржана од мултилатералните институции. Тоа е уште еден мотив повеќе, и ние како земја членка на ОН повеќе од 70 години, да го дадеме нашиот придонес во остварувањето на глобалните предуслови за одржлив развој на светската заедница на народите.“
Надоврзувајќи се на тоа, министерот Димитров, истакна дека Република Македонија ќе продолжи да ги промовира суштествените вредности на ООН за унапредување на мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста: „И во време кога се доведува во прашање кредибилитетот на ООН, ние успеавме, со поддршка од ОН, да дојдеме до решение на проблемот што ја попречуваше нашата амбиција кон евро-атлантските интеграции. Тоа е потврда за релевантноста на ОН и за потребата да ја зајакнеме како многу значаен столб на меѓународниот поредок.“
И резидентниот координатор на ОН, Луиза Винтон, во тој контекст ја потврди потребата од соработка и ја упати следнава порака: „Ние можеме да се справиме само со дел од предизвиците со кои се соочува земјата, дали во полето на создавање квалитетни работни места, градење силни институции, заштита на животната средина или обезбедување еднакви права за сите граѓани. Затоа, нашата порака за денес е дека не треба само Владата и агенциите на Обединетите нации да се грижат за остварување на целите за одржлив развој. Ниту една од целите не може да се постигне без поддршка од сите. Секој од нас може со нешто да придонесе.“
По повод одбележувањето на Денот на ОН, по минатогодишното промовирање на онлајн кампањата со наслов #ИЈасИмамЦел, беше активиран и Инстаграм профилот на истата кампања со цел да ги инспирира граѓаните да споделуваат она што го прават за да помогнат да се постигне нивната омилена развојна цел.