Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека од 10 април 2026 година започнува целосната имплементација на системот за влез/излез на Европската унија (EES – Entry/Exit System).
Станува збор за нов дигитализиран систем кој ќе се применува на надворешните граници на ЕУ и се однесува на државјани од земји кои не се членки на Унијата, а патуваат за краткорочен престој.
Со воведувањето на ЕЕС, сите влезови и излези ќе се евидентираат електронски. Системот ќе овозможи собирање и обработка на основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија, со цел побрза идентификација на патниците и поефикасно следење на дозволениот престој, согласно правилото „90 дена во период од 180 дена“.
Од МВР предупредуваат дека поради новите процедури е можно зголемување на времето на задржување на граничните премини при влез во ЕУ.
Истовремено, се нагласува дека Граничната полиција на Северна Македонија ги има преземено сите неопходни мерки и активности, со ангажирање на расположливите технички и човечки ресурси, со цел да се обезбеди брз и непречен проток на патници на домашните гранични премини.
Граничната полиција ќе биде засилено присутна на терен, континуирано ќе ја следи состојбата и ќе презема соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот, при што јавноста ќе биде навремено информирана за сите новини поврзани со примената на системот.
