Идната сабота почнува полагањето на екстерните испити од матурата за повеќе од 14 500 ученици кои завршуваат средно образование во учебната 2025/2026 година. Во согласност со измените на Законот за средното образование, оваа година матурантите ќе полагаат три типа матурски испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
За секој испит (предмет) од типовите матура се изработени посебни испитни програми врз основа на кои се изготвени испитните прашања. Од Државниот испитен центар (ДИЦ), кој го организира и спроведува матурскиот испит, посочуваат дека овие испитни програми се темелат на наставните програми по кои учениците следеле настава во текот на нивното четиригодишно образование.
Од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура.
Гимназијалците полагаат само државна матура и се пријавени 5713 кандидати. Државна матура, исто така, може да полагаат и учениците од стручните и од уметничките училишта, кои избираат помеѓу државна матура и стручна односно уметничка матура. Па така, според податоците на ДИЦ, од 8629 кандиудати за матура од средните стручни училишта – 6353 се пријавени за државна матура, а 2276 за државна стручна матура. Од 245 кандидати од уметничките училишта, пак, 118 се пријавени за државна матура и 127 за уметничка државна матура.
Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на Државниот испитен центар, за МИА изјави дека подготовките за реализација на државната матура, државната стручна матура и државната уметничка матура се одвиваат според утврдена динамика и рокови.
– Целта ни е сите ученици да имаат еднакви услови и фер полагање. Во согласност со новата Концепција, изработени се посебни тестови за секој вид матура, врз основа на испитните програми за полагање. Организацијата, секако, бара поголем ангажман, но Државниот испитен центар е подготвен да одговори на новиот предизвик, изјави директорката на ДИЦ.
Како и минатата година, за училиштата кои немаат соодветни просторни услови екстерните испити ќе се полагаат во амфитеатрите на факултетите.
– Оваа година е поголем бројот на училишта кои се обратија до Државниот испитен центар за помош при изнаоѓање просторни услови на факултетите, додека останатите училишта, кои располагаат со соодветни услови, ќе полагаат во спортските сали, холовите и аулите во своите училишта, рече Јовчевска-Михајловска.
Во просториите каде што ќе се полагаат испитите е забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди. Директорката на ДИЦ апелира учениците да ги почитуваат Правилата за полагање на матурските испити и Мерките за нарушување на правилата за спроведување на матурските испити кои се објавени на matura.gov.mk и доставени до училиштата.
На 6 јуни со почеток во 9 часот ќе се полага изборниот екстерен предмет.
Кандидатите кои избрале државна матура ќе полагаат тест по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Кандидатите кои ќе полагаат државна стручна матура ќе имаат тест по англиски или по математика, а за државна уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја.
Од ДИЦ за МИА информираа дека за тестот по англиски јазик се пријавени вкупно 13 208 кандидати, од кои 11 017 се ученици пријавени за државна матура, 2107 за стручна и 84 за уметничка матура.
За тестот по математика има 1173 пријавени – 1017 кандидати кои полагаат државна матура и 156 за државна стручна матура, а за историја има 38 кандидати – ученици кои полагаат државна уметничка матура.
Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека државна матура ќе има и оти таа е законска обврска. Државната матура не е само за комплетирање на средното образование, т
Другите четири странски јазици се опција само за учениците кои полагаат државна матура. За француски јазик се пријавени 20, за германски 52, за руски јазик седуммина и двајца за италијански јазик.
Задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски) и литература го полагаат сите ученици – оние што се пријавени за државна матура испитот ќе го полагаат на 11 јуни од 9 часот, а кандидатите за државна стручна и за државна уметничка матура ќе го полагаат на 12 јуни од 9 часот.
Македонски јазик и литература годинава ќе полааат вкупно 9810 ученици: 7809 од нив се пријавени за државна матура; 1875 за државна стручна и 126 за државна уметничка матура.
За албански јазик и литература се пријавени 4199 кандидати: 3834 од пријавените се за државна матура; 364 за стручна и еден кандидат за државна уметничка матура.
Турски јазик и литература ќе полагаат 360 средношколци – 359 се кандидати за државна матура и еден за стручна матура. За српски јазик и литература има пет кандидати и сите се пријавени за државна матура.
Од ДИЦ велат дека за полагањето на испитите ќе бидат ангажирани околу 2500 тестатори и околу 200 набљудувачи.
Покрај екстерните предмети, учениците полагаат втор и трет изборен предмет интерно, во согласност со Концепција за испитите на крајот од средното образование.
