Од две места пари: Службеничката во кабинетот на Талат Џафери стана член на РСБСП

Од:

Со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери, на одлуката објавена во „Службен весник“, Собранието ги разреши стариот претседател и 21 член на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, поради истек на мандатот, а именува нов претседател и нови членови на ова тело. За активностите тие добиваат месечен паушал (надоместок).

Меѓу новоименуваните е и Вјолца Бајрами од Куманово која е вработена во кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, и е магистер по правни науки од Куманово. Таа во Собранието е вработена како кабинетски службеник за правни и политички прашања.

Кога ја побаравме Бајрами на телефон, не знаеше дали е именувана во ова тело и рече дека треба да провери. По проверката потврди дека таа била предлог на Комисијата за избор и именувања.

Нов член на РСБСП е и младиот правник Виктор Велевски од Кавадарци. На неговиот профил на „Фејсбук“ пишува дека е член на СДММ и споделува објави од функционери од СДСМ.

Член од вчера на РСБСП е и дипломираниот правник Оливер Лукаровски од Прилеп, за кого медиумите објавија дека бил во потесен избор за кандидат за градоначалник на СДСМ за Кривогаштани на изборите во 2017 година.

Нов член на ова тело е Никола Чачо, дипломиран политиколог од Струмица. Советот на Општина Струмица во 2016 година го избрало за член на Управниот одбор на Јавното претпријатие „Паркиралишта – Струмица“.

Во ова тело влегоа и скопскиот новинар Зоран Петров и Никола Тасев, дипломиран правник од Кавадарци, кој бил член на извршниот комитет на ВМРО-Народна партија.

На листата е младиот дипломиран психолог од Тетово, Фиторе Зибери, како и Низам Шахини, дипломиран по бизнис – администрација од Липково, Мерита Пајазити, биотехнички лаборант од Тетово, Ардијан Исмаили, дипломиран правник од Чегране, Гостивар. За претседателка на телото е именувана Гордана Кожуваровска, магистер по сообраќајни науки од Битола.

Мандатот на членовите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гзим Беадини, Дејан Донев, Бисера Мојсоска, Давид Берат и Роберто Рогожарски им трае до истекот на мандатот за којшто се именувани.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата е советодавно тело на Собранието. Претседателот и членовите ги именува Собранието со мандат од четири години.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови