Екс директорот на болница Флорин Бесими, раководно лице во болницата и дежурниот доктор се обвинети за пожарот во тетовската модуларна болница, каде 14 лица загинаа, дознава „А1он“. Поднесен е обвинителен предлог од страна на Обвинителството, а се гони и правното лице, односно Општата болница-Тетово. Директорот и раководното лице кои се прво и второ обвинет се гонат дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност. Докторот се гони дека сторил кривично дело непостапување според здравствени прописи во време на епидемија. Тетовската болница, се гони за двете кривични дела.
Според информации на „А1он“, Обвинителството гледа вина кај ексдиректорот на болницата и раководното лице бидејќи во објектот не постоел систем за противпожарна заштита. Докторот, според Обвинителството е виновен што дозволил во објектот да има посета од страна на роднини и пријатели, спротивно на донесените здравствени прописи.
Обвинителниот предлог е поднесен по десет месец по покренатата истрага. На 5 октомври, Обвинителството објави извештај за причините за пожарот и информираше дека се започнало во моментите кога лекарскиот тим ја започнал реанимацијата на пациентка болна од КОВИД-19, при што се случил краток спој на продолжен кабел.
Во страотниот пожар кој ја пеплоса модуларната болница во Тетово, со себе однесе и 14 животи на пациенти кои се лекуваа од коронавирус, но и членови на семејствата кои биле внатре во критичниот момент. 14 лица, беа спасени пред објектот целосно да изгоре.
Пред два месеци, кога протече информација дека директорот Флорин Бесими е еден од осомничените во истрагата, тој за „А1он“ посочи дека апсолутно кај него не гледа вина. Тој кажа дека очекува правдата да излезе на виделина.