70.000 граѓани нема да можат да гласаат на следните избори. Според Државната изборна комисија имаат стари документи, но се подобрува снабдувањето на граѓаните со нови биометриски исправи.
„Таа бројка почнувајќи од јануари па се до сега, се намалува и сега сме стигнати до бројка од 121.000 кои се во државата, и некаде околу 33.000 наши граѓани, кои се надвор од државата. По моја претпоставка, по оваа динамика на намалување таа бројка би можела да се намали и да дојдеме до 70.000 граѓани кои ќе останат со стари документи“, рече Бедредин Ибраими, кој претседаваше со Работната група за проверка на избирачкиот список, инаку член на ДИК.
Јани Макрадули, кој е член на работната група, вели дека до крајот на 2012 година, околу 100.000 граѓани нема да имаат право на глас, а тоа е сериозна бројка.
Работната група се договори да се утврди нова методологија во однос на проверка на тие граѓани кои ќе останат со стари лични документи. А на седницата беа разгледувани и податоците од Извештајот на Управата за водење на матичните книги, за лица кои последен пат се јавиле пред административен орган за издавање личен документ во период од 1981. до 1999. година, при што биле проверени 65.308 лица.
„Пронајдени се вкупно 1.130 починати лица, запишани во матичните книги, а неевидентирани во системот на МВР. За 1.123 лица има несовпаѓање со тековниот број на матичната книга, односно други лица фигурираат на списокот во МВР. Најголем е бројот на лицата кои имаат непознат статус 1.373, кои по сознанијата на матичарите имаат променети имиња или воопшто не фигурираат на списокот доставен од МВР“, рече Катерина Битраковска.