Обвинителството до скопскиот Кривичен суд достави нов Предлог за забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело за обвинетите во предметот „Еразмус“.
– Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави нов Предлог за определување мерка на претпазливост против шест лица обвинети во предметот познат во јавноста како „Еразмус“. Со цел да превенира состојби што можат да го попречат нормалното водење на кривичната постапка и за кои смета дека во овој момент од постапката се оправдани, јавниот обвинител оцени дека покрај веќе изречените мерки на претпазливост има потреба од изрекување на мерката на претпазливост од чл.146 ст.1 т.7- забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, со времетраење до правосилно окончување на кривичната постапка, велат од Обвинителството.
И покрај истражната постапка, како што се наведува во денешното соопштение, забележано е дека обвинетите продолжуваат да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет во Скопје и притоа се во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и жртвите во кривичната постапка што се води. Со оглед на тоа што кривичните дела за кои се води постапка се поврзани како со извршувањето на нивните работни активности, така и со студентите и со меѓусебната комуникација на факултетот, јавниот обвинител цени дека со судска одлука на обвинетите треба да им се забрани да ги извршуваат работните активности до правосилното завршување на постапката.
За предметот „Еразмус” , Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од јуни оваа година постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи – Единица за корупција, спроведуваше истражна постапка против шест лица.
Истражната постапка се спроведуваше поради постоење на основано сомнение дека двајца од обвинетите сториле кривично дело – примање поткуп, едно лице кривично дело – примање поткуп и кривично дело – примање награда за противзаконито влијание, две лица дека сториле кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување и едно лице за кривично дело – давање поткуп. Тогаш Основниот суд Скопје 1 – Скопје со Решение на обвинетите им изрече мерки на претпазливост со кои се стекнаа со обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган и им беа одземени патните исправи за преминување на државната граница.