Здружението на јавните обвинители во Република Македонија испрати допис до надлежните институции, во кој бараат да не се крати Буџетот на Јавното обвинителство со претстојниот ребаланс. Барањето е испратено до претседателот на Собранието, Талат Џафери, генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова и до Владата.
Здружението како невладина, непартиска, неполитичка, непрофитна и доброволна организација во која слободно се здружуваат членовите на Здружението има за цел јакнење и унапредување на општествениот статус и углед на јавно-обвинителската функција, доследна примена на професионалните стандарди и интереси на јавните обвинители, заштита на достоинството и угледот на носителите на јавно-обвинителската функција, усовршување на материјалните и техничко-технолошките услови за работа на јавните обвинители, посебно акцентирајќи ја мисијата на заштита на материјалните и професионалните интереси на членството.
„Видно од објавениот предлог за изменување и дополнување на Буџетот, евидентно е проектираното намалување на средствата на Јавното обвинителство за 2017 година и тоа од вкупно 259.213 на 237.574, а во однос на средствата предвидени за имплементација на Законот за кривичната постапка, се определува намалување од 214.455 на 195.130. Во оваа насока, во делот на плати и надоместоци на вкупно 552 вработени во Јавното обвинителство, износот на средствата се намалува од постојните 218.323 на 205.558, додека за обезбедување на стоки и услуги од 39.886 на 28.000“, се вели во дописот.
Според обвинителите, обезбедените средства, особено за исплата на плати на јавните обвинители и вработените во обвинителствата се од есенцијално значење за нормално функционирање на јавните обвинителства. „Со отпочнувањето со примена на новиот Закон за кривичната постапка на 1.12.2013 година, надлежностите на јавното обвинителство, се зголемија во голем обем, дотолку повеќе што сега јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела, е носител на истражната постапка. Со оглед на условите во кои работат и функционираат јавните обвинителства, а особено видот и карактерот на работата, посебните услови и постоењето на висок ризик за работа, како и степенот на доверливост, обезбедените средства за тековно работење и плата не се луксуз, туку се неопходни за ефикасно, нормално функционирање и спроведување за работните активности. Вработените во јавните обвинителства имаат огромен обем на работа, десетици илјади предмети во работа, спроведуваат дежурства, истраги, меѓународна правна соработка и работат под посебни услови. Обезбедените средства за тековно работење и плата се неопходност за која долги години се бореше јавното обвинителство“, се вели во барањето. Според обвинителите, кратењето на средствата ќе значи неправда и враќање во поранешна состојба.