Сите обвинети за нередите во кумановската населба Диво насеље, од мај годинава, се изјаснија дека се невини на денешната јавна расправа во суд за оценка на обвинителниот акт. Одбраната, пак, тврдеше дека нема докази за делото кои им се припишува, теротистички напад и учество во терористичка организација. Адвокатите побараа случајот да го преземе специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева.
Според обвинението 18 лица од вооружената група на своите униформи имале обележја со ознката УЧК. Според обвинението, биле следени и прислушувани со посебни истражни мерки, од 27-ми април, до 8-ми мај кога започна престрелката во Диво насеље.
Обвинителот Наум Пановски рече дека дел од припадниците на групата претходно го извршиле нападот на караулата во Гошинце каде беше одземена поголема количина на огнено оружје. Истото украдено оружје, наводно, било употребено во судирот со полицијата неколку дена подоцна.
Како што рече Пановски врз база на прибавени информации во соработка со косовските служби, судот издал налог припадници на МВР да извршат претрес во кумановската населба. Утрото на 9-ти мај судирот започнал откако вооружената група фрлила бомба, а потоа отворила оган кон полицијата.
Насер Рауфи, адвокат на дел од обвинетите, рече дека за овие седум месеци ниту тој, ниту останатите адвокати, не виделе некаков доказ за делото кое им се става на товар на обвинетите. Адвокатите тврдеа дека откако се во притвор, обвинетите биле физички малтретирани.
Денешната јавна расправа во судот помина со силно полициско обезбедување. Објектот беше опколен со полициски службеници и со припадници на специјалните единици, а секој кој влезе во судот мораше прво да помине низ детална контрола. За сите 29 обвинети беа ангажирани по неколку полициски службеници кои ги придружуваа.
Пред судот беа собрани роднини и пријатели на обвинетите. Велат дека се невини, дека се нашле на погрешно место во погрешно време и дека им биле ветени пари доколку се придружат на групата. Таткото на еден од обвинетите вели дека не знаеле што ги чека и што ќе се случува во Диво насеље. Роднините се убедени дека зад случајот стојат политички мотиви.