Отсекот за превенција при СВР Тетово започна со два превентивно образовни проекти „Превенција од употреба на дрога“ и „Превенција од трговија со луѓе (деца)“ информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Со нив од почетокот на месецов треба да бидат опфатени над 5000 основци од последните, завршни одделенија во училиштата низ полошко. Активноста се реализира во соработка со локланите самоуправи од регионот.
– Основците од ова подрачје на посебни часови поблиску ќе бидат запознати со штетните здравствени и други последици од уживање на наркотични дроги, психотропни супстанци или прекурсори, но и со законските последици доколку тие неовластено се произведуваат или пуштаат во промет. Покрај тоа, учениците ќе бидат исцрпно информирани како да ја препознаваат можната трговија со луѓе и како најефикасно да се заштитат од нивно инволвирање во ваква криминална активност, односно опасност, изјави Јосифовски.
Предавањата ги одржуваат стручно обучени полициски службеници и се планира да завршат во првата половина на идниот месец кога е предвидено да започне нов сообраќајно-едукативен проект „За безбедно управување на мотоцикл“
Во рамките на планираните активности, а на иницијатива на локалната самоуправа, денеска во Тетово се одржала заедничка средба на претставниците од Одсекот за превенција при СВР Тетово со најодговорните на основните и средните училишта од Општина Тетово.
Јосифовски посочи дека целта на средбата било запознавање на учесниците со тековните и идни проекти за годинава планирани од Одсекот за превенција, нивната цел и значење во функција на поуспешна меѓусебна соработка и остварување на што подобри резултати.
– Како главни заклучоци од средбата се барањето за поголемо полициско присуство околу училиштата, проблемите со погрешно паркираните возила пред училиштата и намалениот број нарушувања на јавниот ред и мир во последно време во и околу образовните институции на подрачјето, рече Јосифовски.