Обезбеден училишен прибор за 150 дечиња од социјално загрозени семејства

Од:

Во неделата, Градскиот парк беше збирно место за забава, многу детски насмевки, убаво расположение, дружење и најважно од сè, хуманост на дело. Повеќе стотици граѓани и познати македонски естрадни имиња го искористија убавото сончево попладне и активно мрдаа со прст во рамките на хуманитарниот хепенинг „Мрдни со Прст – Донирај училишен прибор”.

Акцијата која беше во организација на Националниот Младински Совет на Македонија, Меѓународниот сојуз ‒ Скопје, и Агенцијата за млади и спорт, во рамките на кампањата Мрдни со Прст, резултираше со масовен одзив кај хуманите граѓани и компаниите, при што беа собрани донации кои ќе ги задоволат основните потреби за следење на наставата на околу 150-тина дечиња од социјално загрозени семејства од 6 општински подрачни училишта на територијата на град Скопје, меѓу кои и домот за деца без родители “11 Октомври” и во училиштето за деца со посебни потреби „Златан Сремец”.

„Тимот на Меѓународниот сојуз- Скопје е среќен што собраниот училишен прибор е над нашите првични очекувања. Собравме над 400 тетратки, голем број на блокови, над 80 ранци и голема количина на друг училишен прибор. Им благодариме на сите кои дојдоа и донираа. Покажавме дека можеме и знаеме како со малку да им помогнеме на оние на кои им е повеќе од неопходно“ – изјави Бојан Јовановски, Претседател на Меѓународниот сојуз ‒ Скопје.

Во рамките на двочасовниот хуманитарен хепенинг, присутните се забавуваа со голем број македонски познати личности, меѓу кои Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Викторија Лоба, Биг Мама, диџеј Гоце Саф, Мартија Станојкоиќ, хип-хоп групата Битрикс, Лила Стојановска, Марко Новески и уште многу други, кои едногласно ги потврдија своите искрени намери за подигнување на општествената свест за горливите проблеми со кои се соочуваат овие семејства.

Дел од оваа голема хуманитарна иницијатива за донација на училишен прибор за дечињата од социјално загрозени семејства, активно учество земаа и Сојузот на извидници на Македонија и Организацијата на жени на Општина Свети Николе, кои организираа собирни пунктови за училишен прибор во Кочани, Прилеп, Велес и Свети Николе, а кои потоа ќе бидат доделени на дечињата и семејствата од соодветните градови.

Оние кои живеат во Куманово и регионот, а би сакале да донираат училишен прибор, можат да го сторат во текот на следните два дена и тоа: на 13 септември во СОУ “Наце Буѓони”, во периодот од 10 до 14 часот и на 14 септември во гимназиите „Сами Фрашери” и „Гоце Делчев” во периодот од 10 до 14 часот, на пунктовите на Центарот за интеркултурен дијалог.

Хуманите граѓани на Кичево ќе можат да го дадат својот придонес на пунктот на Извидничкиот одред “Мирко Милески” кој ќе биде поставен на 15 септември во периодот од 12 до 15 часот пред Соколана.
Со овој настан кампањата „Мрдни со Прст“ продолжува со активностите за подигнување на свеста на граѓаните за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец. „Tи си на потег” како слоган на кампањата го повикува секој граѓанин да даде своја идеjа, да се вклучи и да реализира активности со цел да направи одреден придонес во заедницата во која живее.

Повеќе информации за тоа како секој може да се вклучи, а воедно и детали околу претходните и следните активности на “Мрдни со Прст“ се достапни на www.mrdnisoprst.mk, како и на Facebook страницата www.facebook.com/MrdniSoPrst.

Би можело да ве интересира

В сабота пикник во Градскиот парк

Ана Ололовска

Акција „Смеј се, игра, расти“ во Берово, изработени креативни саксии

Наум Локоски

Со модна ревија во МКЦ поддржана акцијата за собирање топла зимска облека

Ана Ололовска

15 модни дизајнери учествуваат во акцијата „Сите стоплени во зима“

Наум Локоски

Акција на „Мрдни со прст“ во Мала Река

Наум Локоски

Хуманитарна аукција „Мрдни со прст“

Ана Ололовска