Ново судско рочиште против обвинетите за тероризам во случајот „Дива населба“ денеска треба да се одржи во големата сала на Врховниот суд.
Претходното рочиште беше одложено бидејќи судијата која го води предметот Верка Петковска беше на боледување.
Судењето ќе продолжи во големата сала на Врховниот суд, бидејќи во Основниот суд Скопје 1 нема просторни и безбедносни услови за одржување на судењето во кое има голем број обвинети.
Судот на почетокот на овој месец донесе одлука со овој предмет да ја спои постапката со случајот „Молња“, односно со логистичарите кои беа уапсени пред неколку месеци. За настаните од „Дива населба“ обвинети се 29 лица, а како логистичари осум лица.
На 9 и на 10 мај 2015 година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.