Новоизбраните членови на Судскиот совет Јелица Крстевска, Влатко Самарџиски, Александра Зафировска, Мирјанка Гоцевска Стефановска и Мери Дика Георгиевска денеска пред претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, дадоа свечена изјава.
Александра Зафировска, актуелен претседател на Судскиот совет изјави дека со давањето на заклетвата се пополни составот на Судскиот совет. Најави дека во текот на оваа недела ќе биде закажана седницата за избор на претседател на Судскиот совет, а во текот на наредната недела и избор на претседател на Врховниот суд, ако така процени новиот претседател на советот.
– По заклетвата, во скоро време ќе биде закажана седница за избор на претседател на Судскиот совет. Приоритетите на Судскиот совет во иднина ќе треба да ги каже иодниот претседател на Советот, изјави Зафировска.
Одговарајќи на новинарски прашања, актуелната претседателка на Судскиот совет рече дека нема слушнато информации дека претседателското место во Советот е партиски договорено. – Немам чуено такви работи, рече тоа.
Имајќи предвид дека како претседател на Судскиот совет е и претседател на Судскиот буџетски совет, прашана за финансиската состојба на судовите, таа рече дека е точно оти тие се справуваат со одредени проблеми во однос на наплатата на побарувањата на корисниците. – Сега можам да кажам дека во декември судовите успеаја да ја завршат годината и со помали финансиски средства упеавме да ја завршиме годината, изјави Зафировска.
Во однос на буџетот за следната година, таа рече дека судската власт не ја доби потребната финансиска поддршка за 2013 година.
– Добивме помалку од она што законот предвидува, но такви се состојбите во државата и во регионот. Се прилагодуваме и мора да работиме со она што ни е оставено на располагање. Имаме зголемување 14 милиони денари, што е повеќе од она што го имаме добиено во 2012 година, а е помалку од она што е планирано, изјави Зафировска.