Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија одбива да учествува во, за утре закажаната, јавна расправа за нацрт-работните верзии на Законот за медиуми и на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.
Овој став на ССНМ е првенствено принципиелен и се однесува на нетранспарентноста во создавањето на текстовите на работните верзии на овие законски акти.
– Без намера да се мешаме во ингеренциите на Владата, можеме да констатираме дека медиумската заедница не е консултирана дали воопшто е неопходно да се носат вакви законски акти или не. Нивната изработка се одвиваше далеку од очите на медиумските професионалци и уште подалеку од јавноста, па уште при првите напомени дека се подготвуваат законски решенија во овие области, Синдикатот предупреди дека нема да има квалитетен закон без учество на релевантните фактори од медиумскиот просто – пишува во реакцијата на ССНМ каде нагласено е и дека добронамерните предупредувања не биле сфатени сериозно.
ССНМ, сепак, внимателно го следеше овој процес, а преку свои претставници учествуваше и на неколку дебати околу решенијата на Законот за медиуми, при што повторно го искажа своето незадоволство од начинот на кој се донесуваат вакви законски акти, а се разбира и од решенијата во самиот нацрт-текст. Мораме со жалење да констатираме дека учеството на претставниците на ССНМ не се користеше за конструктивна расправа, туку повеќе како алиби за наводна транспарентност на овој процес и како наводен доказ за демократскиот капацитет при донесувањето на законите што ја засегаат медиумската заедница.
ССНМ бараше и бара претставниците на медиумската заедница да бидат прашани за потребата на донесување вакви закони, како и да учествуваат во нивното создавање од самиот почеток, а не да служат како „демократски“ декор и алиби на владејачката гарнитура, која, очигледно, сака да го уреди медиумскиот простор според своите желби и потреби – се додава во соопштението од ССНМ.