Камен темелник на нова водоводна мрежа во населеното место Блаце во Општина Чучер Сандево денеска поставија министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, градоначалникот на општината Јован Пејковски и пратеничката Ермира Мехмети.
Со реконструкција на водоводната мрежа во Блаце предвидено е обезбедување дополнителни количества вода од водотекот Студенец од каде водата ќе се носи до постоечкиот резервоар со капацитет од 200 метри кубни. До селото водата ќе се дистрибуира преку мрежа составена од 10 крака.
– Оваа инвестиција ја започнавме со првичната фаза проектирање на основен проект, а понатаму, заеднички со општината инвестираме околу завршување на овој значаен проект за жителите на Блаце, истакна министерот Изаири.
Појасни дека проектот содржи реставрирање на резервоарот за питка вода и примарната и секундарната мрежа. Нагласи дека Министерството и понатаму ќе го поддржува овој проект се до неговото комплетно реализирање.
Градоначалникот Пејковски информира дека општината за водоводот во Блаце ќе извои околу 400 илјади евра, додека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе обезбеди 2,5 милиони денари. Најави дека општината ќе поддржи и реализира и други проекти кои, како што рече, се неопходни и приоритетни за селата Горно и Долно Блаце.
Градежните работи ги изведува фирмата „Вардар градба“, а рокот за изградба е четири месеци.