Нова метода – преглед на фетус со магнетна резонанца на Клиниката за радиологија

Од:

Нова метода – преглед на фетус со магнетна резонанца е воведена на Универзитетската клиника за радиологија. Станува збор за специфична метода која дава многу позитивни резултати во детекција на аномалии на плодот.

Директорката на Клиниката, Надица Митреска денеска на прес-конференција рече дека прегледот го овозможува новата апаратура со која располага таа јавна здравствена установа, како и новиот проект на Министерството за здравство кој овозможува едукација на врвни кадри специјалистички во странство.

– Магнетната резонанца на фетусот е ефективна, сензитивна, специфична метода која дава многу позитивни резултати во детекција и откривање аномалии на плодот кои може да бидат аномалии на мозокот, на рбетниот столб, лице, врат, градниот кош, органите на градниот кош и на абдоменот како што се цисти, тумори на абдоменот и на малата карлица, промени на бубрезите, на плацентата итн., посочи Митреска.

Појасни дека нивната работа е тесно поврзана со специјалистите на гинекологија и акушерство бидејќи тие се оние кои ги регрутираат пациентите односно бремените жени за преглед на Клиниката за радиологија. Секогаш кога постои сомнение за вродена аномалија на плодот, нагласи Митреска, тие го детектираат сомнението со ултразвучен преглед и доколку тој не дава доволно јасен резултат односно укажува на постоење аномалија, нашата метода на магнетна резонанца е таа што го детектира и го дооформува мислењето за постоење или непостоење проблем.

– Тоа е многу важно за да се знае каков ќе биде третманот на бременоста, дали ќе продолжи, дали ќе се третира плодот или во случај на постоење витално загрозувачка аномалија треба бременоста да се заврши. Оваа метода е неинвазивна, не постојат контраиндикации во однос на плодот и мајката. Визуелизацијата на промените и сензитивноста се многу поголеми отколку со ултразвучниот преглед, истакна Митреска и додаде дека во меѓувреме имале 15 вакви случаи кои биле регрутирани од Клиниката за гинекологија и акушерство, од кои кај шест поставиле конкретна дијагноза, а останатите биле уредни.

Согласно Проектот на Министерството за здравство, на едукација во странство од Клиниката за радиологија била асистент Јасмина Јошева. Таа истакна дека била на студиски престој во болницата „Роналд Реган“ во рамки на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес.

– Таму престојував во октомври и ноември. Ми беше дозволено да опсервирам 150 случаи на магнетна резонанца на фетус со различни типови на патологија под менторство на врвни педијатриски неурорадиолози, педијатриски радиолози и сето тоа придонесе моето искуство да стане многу поголемо, нивното знаење несебично пренесено, се применува на Клиниката за радиологија, истакна Јошева.

Одговарајќи на новинарско прашање, директорката на Клиниката рече дека преглед на фетус со магнетна резонанца не постои се уште во системот на прегледи на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и оти во многу блиска иднина ќе го воведат.

– Досега сите случаи беа примени како приоритетни и не беа на листата на чекање на „МојТермин“ бидејќи тоа е тесно поврзано со планот и третманот на бремената жена, додаде Митреска.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски