Јавниот обвинител Љубомир Јовески рече дека се отвора нова истрага за „Рекет“ за четири лица од Меѓународниот сојуз.
Во новата истрага осомничените се товарат за перење пари, помагање и измама.
– Новата истрагата е за исплатата на 720 илјади евра и за парите од струшката фирма, кажа Јавниот обвинител.
За утре Јовески најави обвинение за првиот случај „Рекет“ каде обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, кој се сомничи за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, Зоран Милески Кичеец кој се сомничи за трговија со влијание и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.
– Истрагата во првиот дел за „Рекет“ е при крај. Обвинителката Вилма Рускоска работи на донесување јавно-обвинителска одлука. Колку што сум информиран во текот на утрешниот ден ќе слeди обвинение за тој дел, рече Јовески.
Јовановски и Јанева се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а Милевски е во домашен притвор.
Јовановски вчера требаше да даде исказ во Обвинителството, но му се слоши и со брза помош беше однесен во болница, а потоа вратен во притвор.