Нова инфраструктура по должината на улицата „Трета македонска бригада“ во Општина Аеродром ќе добијат новите станбени згради. Проектот опфаќа изградба на атмосферска и фекална канализација, водовод и нови улици и тротоари. Почетокот на проектот го означија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на општината Аеродром, Ивица Коневски.
– Градот Скопје и општината Аеродром навреме ќе ги завршат своите обврски за изградба на потребната инфраструктура што ќе биде во функција на жителите на овие нови станбени објекти, што се градат по должината на улицата „Трета македонска бригада“. Градот Скопје ќе ја направи главната сообраќајница во овој дел, поточно, улицата „Васко Карангелевски“ ќе се прошири и ќе добие четири коловозни ленти и нови тротоари на должина од 1.458 метри, од крстосницата со булеварот „Јане Сандански“ до улицата „Трета македонска бригада“.
– Во Градот Скопје во тек е изработката на проектот за оваа сообраќајница, а нејзината изградба очекувам да почне кон крајот на годинава. Проширувањето на оваа улица ќе се финансира од буџетот на Град Скопје. Деновиве, во завршна фаза е изградбата на водоводната мрежа за високата и за ниската зона во Стар Аеродром, а наскоро ќе се избере и изведувач за изградба на топловодот по дел од улицата „Трета македонска бригада“, рече градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот Коневски нагласи дека новата инфраструктура ќе овозможи полесен пристап до новите згради и ќе ги задоволи барањата на граѓаните.
– За изградба на планираната инфраструктура што е во надлежност на општината Аеродром, од општинскиот буџет ќе се издвојат околу 60 милиони денари. Новите сервисни улици со паркиралиштата ќе опфатат површина од околу 13.000 метри квадратни, рече Коневски.