Нов возен ред: Ќе возат само осум воза до три града, два од нив се бројат само на хартија

Од:

Стапи на сила новиот возен ред на Македонски железници кој ќе важи до 14 декември 2024 година. Во него патничките возови може да се избројат на прсти, додека дестинациите се бројат и на една рака.

Во новиот возен ред запишани се осум воза, но ќе бидат активни само шест пара патнички воза, три локални од Скопје до Велес, еден до Битола и два до Гевгелија.

Патнички возови во 2024 година ќе нема од Скопје кон Кичево преку Тетово и Гостивар, кон Кочани преку Велес и Штип и Табановце преку Куманоцво. Овие градови и населени места официјално ќе останат без значајното за нив превозно средство кое го користеле со децении.

Од Скопје за Битола се предвидени три пара возови со тргнување во 6:53, 14:30 и 20:05 часот. Од Битола за главниот град возовите ќе поаѓаат во 3:14, 12:47 и 18:23 часот. Предвидено е утринскиот воз од Скопје да сообраќа до Жабени во близина на македонско-грчката граница, кој од ова населено место за Битола ќе поаѓа во 11 часот.

Но, во моментов возовите кои треба да поаѓаат во 6:53 и 20:05 часот, како и од Битола за Скопје во 12:47 и 18:23 часот, а беа прекинати на 27 октомври, нема да сообраќаат во моментов и тие се впишани само на хартија. Од Македонски Железници Транспорт се уште не знаат кога ќе ги пуштат двете линии, а поголема е веројатноста тие воопшто да не возат со што вториот најголем град во Македонија да остане поврзан со престолнината само со еден воз.

Од Скопје за Гевгелија ќе сообраќаат по два воза дневно во 6:23 и 16:55 часот, додека од Гевгелија истите ќе поаѓаат во 4:48 и 17:02 часот.
Поради нарушената статика на железничкиот мост на Црна Река, чија санација започна деновиве, од Градско и Неготино и обратно, патниците од и за Гевгелија се префрлаат со автобус.

Три пара возови дневно ќе возат меѓу Скопје и Велес, со поаѓања од главниот град во 9:00, 13:20 и 22:40 часот, додека од Велес за Скопје ќе возат во 5:03, 12:10 и 14:24 часот.

Од МЖ Транспорт неодамна соопштија дека прават напори да ги поправат двете патнички гарнитури од Кина кои беа набавени кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година, за да може до крајот на годинава да се вратат двата воза од Скопје до Битола и обратно.

На почетокот на оваа година беа укинати возовите кон Табановце, додека во 2021 година беше прекинат сообраќајот кон Кичево, Кочани и Приштина. Експресните возови од Скопје за Солун и Белград не сообраќаат неколку години и Македонија и во 2024 година ќе функционира меѓународен железнички превоз.

Македонија во патничкиот сообраќај останува на дното во регионот заедно со Косово и со Албанија кои имаат четири, односно два воза дневно.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Повеќе од 500 луѓе се повредени при судар на два воза во Кина

Горан Наумовски

Железничкиот сообраќај на релација Скопје-Битола во прекин

Горан Наумовски

Во прекин е железничкиот сообраќај помеѓу Прилеп и Битола

Продолжува прекинот на железничкиот сообраќај: Нема плата, нема возови

Од 13 часот блокада на железничкиот сообраќај, бојкот на машинскиот и извршниот персонал

Горан Наумовски

МЖ – транспорт од 1 јули укина 10 железнички стојалишта