Ниту еден наставник нема да остане без работа со новата концепција за реформа во гимназиското образование. Целата нацрт-концепција е направена со цел ниту еден наставник да не остане без работа, напротив, тие ќе бидат повеќе ангажирани за нашите ученици на ПИСА тестирањата да одат барем две скалила погоре, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката Даниела Николова од СДСМ, која обвини дека целата концепција се прави без јавна дебата и дали ќе преземе одговорност за, како што кажа, „уништување на критичката мисла во образованието“.
Јаневска рече дека не е точно дека нацрт-концепцијата не е ставена пред пошироката јавност.
-Не е точно дека нема јавна дебата, бев на Филозофскиот факултет и се сретнав со нивни претставници – таму беа декани, раководители на Психологија, на Социологија…, разговаравме, дискусијата беше конструктивна од моја гледна точка. Не е во прашање само стручното мислење, туку дека после таа дискусија тоа што се јавува во печатот има друга позадина. Се договоривме во рок од осум до десет дена да дадат предлог каква треба да биде концепцијата, рече Јаневска.
Истакна дека со целосна одгорност ќе ја брани таа концепција, но додека не се постигне консензус и натаму ќе се разговара, бидејќи, нагласи, гимназиското образование не е реформирано 24 години.
-Јас пoвторно ќе одам на терен и ќе се сретнам со претставници на наставници и ученици, засега учениците не најдоа ниту една замерка. Дваесет и четири години не е променета концепцијата во средното образование, учениците учат по учебници стари 24 години. Вие барате ништо да не се менува, да продолжиме така и нашите ученици кога ќе одат на ПИСА тестирањата да ги имаат истите резултати. Досегашниот број часови на општествени предмети не ги направи нашите ученици погоре на скалата на ПИСА тестирањето, посочи Јаневска.
Потенцира дека сите изборни предмети, секоја дополнителна активност на наставникот ќе биде вреднувана и ако има 16 часа по предметот и 4 часа кој било кој друг изборен предмет, тоа ќе му биде вреднувано како час. Повтори дека нема опасност дека наставниците ќе останат без работа.
На обвинувањата на пратеничката дека учениците ќе останат без критична мисла со укинување на одредени предмети, Јаневска рече дека стручната светска литература вели дека критичкото мислење на децата почнува кога учат математика – математика е мислење.
-Програмата ќе трпи промени, ќе ги слушаме, ќе имаме јавни дебати, се што треба и може ќе се промени. Не може да постои држава која нема Филозофски факултет и нема развиена филозофија. Од она што може да се види какво е нашето општество – и психологија и социологија и филозофија, ги молам малку повеќе да се вклучат, тие се носителите и врвот на она што се вика општествена наука и да креираат како ова општество да оди напред. Не точно дека ќе се затвори Филозофски факултет, појасни министерката.
За тоа дали ќе преземе одговорност, рече дека уште кога се нафатила на позицвијата министерка, таа веќе презема одговорност.
-Во образованието не постои ништо што во јавноста нема да предизвика вулкан. Но опшеството е зрело да признае што е во негова корист, во корист на младите идни генерации. Ако вие не излезете да поддржите длабока реформа, не е страшно, нема да има наставници без работа, нема да не постои Филозофски факултет. Оти нема логично објаснување зошто тие би се бунеле против ова, нека ми дадат аргумент, секој што ќе даде аргумент ќе биде прифатен ова ќе претрпи корекции, но барањето мора да биде аргументирано, истакна Јаневска.
За неа, концепцијата се темели на тоа за да наставниците да остават продукт зад себе со којшто ќе се гордеат.
-Доцна е да ги воспитуваме во средно, воспитувањето почнува од градинка. Во средно се фокусираат на науки, тоа го вели светската литература. Етиката и логиката прво се учат од дома, градинка, основно, во средно треба да имаат одреден квантум како треба да знаат критички да размислуваат. При анализа на лектира не се учи ли критичко мислење. Во хемија нема ли критичко мислење. Не велам дека ние ќе им го ускратиме тоа, туку начинот на кој треба да предаваат наставниците, методите кои треба да ги користат треба да бидат многу различни, треба да се реорганизира училницата, оцени министерката.
Пратеничката од СДСМ Николова рече дека е точно дека треба да има реформи, но важен е начинот на кој тие ќе се реализираат, потенцирајќи дека е нужна јавна дебата.
-Точно е дека треба да имаме иноватори, но покрај тоа имаме и образовна и воспитна компонента во училиштата, треба да ги образуваме и да станат луѓе. А вие сметате дека етика треба да се учи од лични примери, односно како треба да се однесуваат наставниците. Зборував за тоа колку ќе ги оспособиме да имаат критичка мисла, додаде Николова.
Во однос на платите на наставниците, таа ја обвини Јаневска, дека еден став застапувала додека била во опозиција, а сега има друг став во позиција.
За нацрт-концепцијата реагираше и Институтот за филозофија при УКИМ, приклучувајќи се кон реакциите за концепцијата, со која предметот Филозофија нема да биде задолжителен туку изборен, додека Логика и Етика ќе бидат отстранети. Оттаму сметаат дека Филозофија и Етика мора да бидат застапени како редовни предмети додека Логика, како изборен. -Со отстранување на Филозофија, образовниот систем ќе им ја ускрати на учениците можноста да развијат длабоко разбирање за човековото постоење, логичките принципи и етичките вредности, соопштија од Институтот за филозофија. Реагираше и Здружението на социолози, заедно со Институтот за социологија, укажувајќи дека слични активности и „реформи” се одвиваат подолг период, со кои, како што велат „директно се засегнати социолозите и нивниот статус во македонското образование на сите нивоа“.
Со отворено писмо со реакција упатија и гимназиски професори по философија, логика и етика, во кое меѓудругото нагласија дека ja отфрлаат понудената Концепција за гимназиско образование, бидејќи сметаат дека мноштвени се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. -Оваа концепција, во која се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење, се вели во отвореното писмо.
Отворено писмо упатија и гимназиските професори по ликовна уметност, кој наведуваат дека новата концепција продолжува да ја деградира ликовната уметност како „неважен“ предмет, откако, како што посочуваат, во не толку далечно минато со тогашниот нов концепт, без никакво образложение, само на предметите Ликовна уметност и Музичка уметност им беше намален бројот на часовите. -Она што ќе предизвика новиот предлог Концепт за гимназиско образование, протнат на мала врата и без отворање реална и суштинска дебата, е развлекување на предметот во три наместо во две години. Со еден час неделно уметничко образование во трите суштински години за развојот на една млада личност на тие мали луѓе им се сторува непоправлива штета во идниот поглед на светот и општеството. Со тоа што им се скратуваат можностите на младите луѓе визуелната култура како продлабочено знаење да биде предмет на нивни избор се става точка на нивното право на љубопитност, креативност, па ако сакате и на нивната иднина, се вели во нивната реакција.
Бирото за развој на образованието (БРО) заедно со Министерството за образование и наука ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.
Концепцијата, како што наведуваат од БРО на нивната веб-страница, е изготвена со цел да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем.
-Предложениот документ нуди модерни пристапи кои се насочени кон стекнување практични вештини, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди, како и поголем избор за учениците, со цел тие самите да можат да го моделираат својот образовен пат, според нивните интереси и идни цели, е наведува во повикот за јавна дикуија на концепцијата објавен од БРО.
Концепцијата за гимназиско образование е отворена за јавни коментари до 31 јануари.