Разрешувањето на Стојко Пауновски е согласно законот и Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции, соопшти денеска вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
Според Николовски, во следните денови ќе биде назначен в.д. директор за Државниот пазарен инспекторат да моѓе непречено да функционира. Засега, се уште не е одлучено кој ќе дојде на местото на Пауновски.
„Од наша страна се констатирани прекршувања на Кодексот и од страна на Кабинетот (на вицепремиерот н.з.) е доставено писмено известување согласно процедурата, до Претседателот на Владата согласно сите опции од членот 23 од овој Кодекс, изјави Николовски.
Николовски потенцира дека Владата, согласно Информацијата за јакнење на капацитетите на сите инспекторати донесена на 43 седница, на ДПИ му дал 22 согласности за вработувања инспектори во Скопје, Струмица, Штип, Берово, Делчево, Крива Паланка, Битола и Прилеп.
– Се гордееме што направивме длабинска анализа со измените во законодавството, во делот на контролата и санкциите, но и што навремено, пред кој било друг и пред што било друго, на Пазарниот инспекторат сме му дале 22 согласности, токму за јакнење на капацитетите. Тоа ќе продолжиме да го правиме со сите инспекторати, нема да скршнеме од определбата за нивно јакнење, подвлече Николовски.