Николоски: Изградбата на Коридорот 8 напредува без политички блокади

Од:

Актуелните случувања во Бугарија не би требало да влијаат врз текот на процесот за изградба на пругата од Коридорот 8, смета вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

– Работиме и ние и Бугарија. Мислам дека веќе сме во фаза каде што политиката нема влијание на целиот овој проект, вели Николоски.

Тој денеска во изјава за медиумите рече дека се работи за меѓудржавен договор којшто денеска се очекува да биде ратификуван од наша страна, а на неодамнешната средба во Брисел со потпретседателот на бугарската Влада, Гроздан Караџов, добил ветување дека и бугарското Собрание ќе го стори истото.

– Најдобра потврда за ова што го кажувам е дека вчера и завчера се одржа првата средба на техничко ниво меѓу директорите на двете железнички инфраструктурни претпријатија и нивните тимови во Софија, на која што се работеше интензивно на подготовка на документацијата, која што главно е она што ние веќе го имаме сработено како документација. Втората средба ќе биде во јануари, рече Николоски.

Паралелно со ова, како што посочи, се очекува Европската унија да обезбеди 100 проценти грант.

– Имаме најава дека тоа ќе биде преку механизмот SEFА, којшто може да го користи Бугарија, а не може да го користи Македонија, но треба да помине внатрешна процедура со Европската унија да ни го отворат и на нас. Тоа значи дека интензивно работиме со Бугарија на она што е договор. Дополнително, ние презедовме наши обврски, а тие презедоа свои. Во однос на нивните обврски, колку што сум информиран во моментот тече процесот на жалба за изградба на делот од Ѓуешево до границата, по што ќе следи изборот на изведувач. Во моментов прават проектирање со цел на пролет да распишат тендер за делот Софија – Перник – Радомир до Ѓуешево. Проценетата вредност на нивниот дел е околу 1,2 милијарди евра, рече Николоски.

Во однос на нашиот дел, како што додаде, „првичната информација за тендерот на Коридорот 8, третата фаза излезе на официјалниот сајт на Европската унија и на официјалниот сајт за тендери на ЕУ, имајќи предвид дека овде имаме сериозен грант и добри кредити“.

– Процесот го води Европската унија, заедно со Железници инфраструктура. Тоа е првиот чекор што беше направен. Вториот чекор, до крајот на месецот, зависи од божиќните празници, треба да излезе и тендерот за надзор, појасни Николоски.

Според него, тендерот за изведба се очекува кон крајот на јануари и ќе се оди со комплетно нова процедура која ќе биде воведена за првпат во овој регион.

– Паралелно ќе се прави евалуација и на техничката подготовка и на финансиските понуди, за да не ни се случи она што ни се случува на Секција 2, каде што беше избран изведувач којшто е несериозен и којшто бара повеќе пари од тоа што се нафатил да сработи. Секако, нема да ги добие парите и мора да го сработи тоа што се нафатил. Прогресот не е задоволителен. За да не се доведеме во ваква ситуација, на предлог на ЕИБ, ќе одиме со оваа процедура, изјави Николоски.

Во однос на работите на брзата пруга од Коридорот 10, Николоски вели дека во моментот се работат сите подготвителни активности што јавноста не ги гледа, но се важни за успешна реализација и дека од моментот кога ќе се појави првиот багер на терен нема да поминат повеќе од пет години до завршување на работите.

– Би сакал да бидеме прецизни што е почеток. Во перцепцијата на народот, тоа се багери на терен. Во суштина, проектот веќе е почнат, затоа што во моментов се работат најбитните работи за еден проект. Не сакам да ни се случи Охрид–Кичево каде 11 години по почетокот на терен, сега проектираме косини. Во моментов ги работиме сите подготвителни активности кои можеби не се видливи за јавноста, но се најбитни за успешна реализација на проектот. Ние велиме дека од моментот кога ќе се види првиот багер на терен, до комплетно завршување да не поминат повеќе од пет години, и нема да поминат повеќе од пет години, затоа што ќе влеземе одлично спремени во оваа работа, истакнави Николоски.

Би можело да ве интересира

Николоски: Потребни се координирани мерки за намалување на сообраќајните жртви

Со пари од ЕБОР, Владата ќе набави најмалку пет нови електрични локомотиви

Николоски: Брза пруга до Солун, олеснување на постапката за изградба на хотели се дел од проектите за развивање на туризмот долж Коридорот 10

Потпишан договорот за тунелот од пругата Македонија-Бугарија од Коридорот 8

Николоски и Караџов во четврток ќе го потпишат договорот за меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8

Николоски од Брвеница: Со градоначалникот Илиевски ја развиваме Брвеница, опонентите се нервозни, ветуваме специјален буџет за нови проекти