На местото од поранешното училиште „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, се гради билетарница од 60 метри квадратни, која треба да функционира како нова автобуска станица.
Целиот зафат се реализира со одлука на Советот на Општина Гевгелија во стариот состав, со средства од локалниот буџет во висина од близу 200 илјади евра, поточно 11.635.760 денари.
Дел од советниците од опозицискиот состав, уште при донесувањето на одлуката Општината да биде инвеститор на проектот, негодуваа за несоодветноста на планскиот зафат, минималната градба, малиот број перони, немањето чекалница. Неоправдано е, велат, да се гради на плац што се простира на неколку илјади метри квадратни, а се искористува само за билетарница, што е, всушност, само една барака. Пероните, пак, се посебна приказна: ќе ги има само пет, а автобусите ќе можат само да влегуваат во еден правец, а да излегуваат во рикверц, без предвиден простор за обиколница за да нема застој во движењето на автобусите.
Гевгеличани веќе две години се без автобуска станица, бидејќи постојната, која беше во сопственост на Автотранспортното претпријатие „Трансбалкан“ беше продадена на „Жито Вардар“. Новиот сопственик, наместо осовременување на транспортната услуга, на истиот простор предвидел друга дејност, и така остана превозниците, па и патниците, сами да се снаоѓаат како знаат и умеат. Се работеше по инерција по стариот возен ред, а граѓаните се информираа од „тебе-мене“ за постојните линии. Но, сепак, врв на незадоволството остана немањето простор за чекалница, па или ѕемнат на студот, или киснат на дождот, без заштитен простор за патниците.
Камен-темелникот на новата билетарница го постави лично премиерот Груевски на 23 декември минатата година. Беше најавено дека работите треба да завршат за 120 дена. Изминаа три ипол месеци, а изведувачот, локалната градежна фирма „Еуроинг“ од Гевгелија, сè уште работи на теренот.
Скромноста на новиот објект, наспроти петпати поголемата површина на старата автобуска станица, ги наведува гевгеличани на дискусија: Дали новата билетарница е, всушност, само новото покритие за намерите на Општината да се претвори во доминантен играч во транспортната дејност или зад ова стојат други интереси. Според новиот Детален урбанистички план за центарот на градот ,на местото на сегашната автобуска станица треба да никне трговски центар, а веќе има еден во градот, и тоа две третини неискористен. „Кому му одат во прилог ваквите зделки?“, прашуваат гевгеличани.