По трагедијата во Crans-Montana на 1 јануари 2026 година, швајцарските власти демонстрираа пример за брза, организирана и човечка институционална реакција. Според информациите што ги пренесоа властите, за секое лице кое починало или било хоспитализирано се издвојуваат по 56.000 долари како директна помош. Дополнително, кантоналните власти во Вале, пред еден месец на сите засегнати им исплатиле по 10.000 швајцарски франци како облик на солидарност, велат во објава преку Здружениет 16 март, семејствата на жртвите од трагедијата во „Пулс“.
– Важно е да се истакне дека во Crans-Montana веќе беше одржана официјална државна комеморација на 8 јануари 2026 година, само една недела по трагедијата. Овој чин претставува јасна изјава на солидарност, признание и институционална поддршка кон семејствата на загинатите и повредените.
Дополнително, во Швајцарија се организираат заеднички средби меѓу семејствата, државните претставници и осигурителните компании, со цел да се избегнат долги и исцрпувачки судски процеси.За оваа намена, Швајцарија има предвидено вкупно 20 милиони долари, како фонд за обесштетување и поддршка на сите погодени. Покрај тоа, 8,5 милиони долари ќе бидат префрлени на кантоналните власти за покривање на трошоците за итните интервенции и санација на последиците.
Со тоа државата испраќа порака дека стои зад своите граѓани во моментите кога им е најпотребно.
Овој модел на постапување ја става човечноста и одговорноста на прво место.
Спротивно на ова, семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година и понатаму се соочуваат со институционално молчење. До денес не е обезбедена ниту финансиска, ниту морална поддршка, нема координирани средби со семејствата и нема план за институционална и финансиска поддршка.
И најважно — во нашата држава до денес не е одржана државна комеморација за жртвите од трагедијата „Пулс“. Таквиот чин не е формалност, туку основна обврска на државата кога ќе бидат изгубени животи како последица на системски пропусти. Комеморацијата е официјален акт на национална почит и јавно признавање на трагедијата, како и јасна порака дека институциите стојат зад своите граѓани.
Нејзиното изостанување скоро една година претставува сериозен институционален пропуст кој создава впечаток на дистанца, игноранција и одбегнување одговорност. Со ваквиот однос, државата испраќа длабоко погрешна и навредлива порака — како вината да се префрла врз загинатите деца и нивните семејства, наместо врз причините и пропустите што доведоа до трагедијата.
Додека во Швајцарија судските процеси се избегнуваат со брза институционална координација, кај нас судските постапки се одолговлекуваат, а според достапните информации од правниот процес, во обвинителниот акт сè уште не се вклучени актуелни функционери, раководители или директори кои имаат позиција на одговорност во трагедијата „Пулс“.
Семејствата беа оставени сами и во најтешките моменти. И погребите и надгробните обележја кај вечните почивалишта беа платени од донации преку Црвениот крст, а не од државата.
Затоа ги поставуваме прашањата што одекнуваат скоро цела година:
– Како е можно една одговорна држава, кога ќе изгуби свои деца, да реагира веднаш — со државна комеморација, со институционална поддршка, со финансиска помош, со јавни ставови, со јасен план за вистина и правда — а нашата држава скоро една година да не направи апсолутно ништо?
– Како е можно институциите да не покажат ниту најминимален чин на човечка и државничка должност?
– Како е можно да нема гест, нема позиција, нема став, нема јавна обврска?
Како е можно трагедијата „Пулс“ да биде третирана како непријатност што треба да се сокрие, наместо како национална рана што мора да се залечи со вистина и со правда?
– Како е можно државата да не спроведе ниту една сериозна мерка, ниту една реформа, ниту една јавна истина — како да се работи за настан што не ја засега?
Семејствата на загинатите деца не бараат милост, ниту политичка услуга.
Бараат нешто што е темел на секоја демократска држава: одговорност, транспарентност и државен став.
Бараат државата да покаже дека стои зад своите граѓани, а не зад своето молчење.
Зашто кога институциите ќе молчат толку долго, молкот престанува да биде тишина — станува став.
Станува порака дека трагедијата не е приоритет.
Станува признание дека одговорноста се избегнува.
Станува обвинување врз самите жртви и нивните семејства.
Но вистината не може да се затвори.
Ни правдата не може да се паузира.
Ни болката не може да се измие со игнорирање.
Болката останува наша.
Колку и да се премолчува, таа останува.
Сè додека нема вистина и одговорност — раната не заздравува.
И колку и да бегаат од одговорност, срамот останува нивен — и ќе остане нивен сè додека државата конечно не постапи како држава: со јавно признание, со државна комеморација и со јасен пат кон вистина и правда, се вели во обраќањето објавено на ФБ страницата на Здружението.
