Независните да треба да соберат потписи од 0,5 проценти од запишаните избирачи, помина амандманот на Левица

Од:

Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ги проследни на натамошно постапка во Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако претходно го усвои амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ), а предложеното решение предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, како и на пленарната седница и на седницата на Комисијата истакна дека со ова решение се прават напори да биде пополнета правната празнина по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи, за да се воведат одредени јасни правила за собирање потписи за кандидатури за градоначлници и советици од страна група избирачи за да бидат фер и еднакви условите во секоја општина поддеднакво.

Тој истакна дека за нив е прифатлив амандманот поднесен од Левица и оти и со негово прифаќање не се менува целта на предложеното решение, а тоа е да се утврдат јасни, фер и демократски услови за претстојните избори. Овој амандман го поддржаа и членовите на Комисијата од СДСМ и коалицијата.

За ова законско решение позитивно се изјасни и Законодавно-правната комисија и го усвои поднесениот амандман, по што ќе биде изготвен дополнет Предлог на Законот.

Откако двете комисии го проследија на натамошно читање во Собранието и откако ќе биде изготвен дополнет предлог на измените и дополнувањата на Изборниот законик, тие повторно ќе се најдат на пленарна седница каде треба да бидат усвоени.

Претходно измените и дополнувањата на Изборниот законик добија подршка на собраниска седница да бидат усвоени во скратена постапка. Откако го утврдија дневниот ред на собраниската седница, на кој единствена точка е ова законско решение, претседателот на Собранието Африм Гаши ги задолжи матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да одржат седници на кои ќе ги разгледаат измените и дополнувањата. За нив ќе се гласа на пленарната седница чие продолжение ќе биде дополнително закажано во текот на денот.

Предлагачи на измените и дополнувањата се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери Сафаи од коалицијата ВРЕДИ. За да се донесе законот по скратена постапка гласаа 65 пратеници, а 17 беа против, воздржани пратеници немаше. Пратениците од СДСМ присутни во салата дадоа поддршка законските измени да се донесат во скратена постапка, додека пратениците од Европскиот фронт и другите опозициски партии од албанскиот блок беа против.

Со измените се предвидува и кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи од изборните единици за гласање во странство, да се соберат најмалку 1 000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за тие изборни единици пред службените лица на ДКП, односно конзуларните канцеларии на образец пропишан од Државната изборна комисија.

Со предложеното законско решение, се дефинираат и интернет порталите согласно Законот за медиуми, со што, според него, би се регулирала и регистрацијата на електронските медиуми во платено и политичко рекламирање.

-Бидејќи процесот за донесување апликации до ДИК е почнат, а има одредени реакции од ваквиот вид медиуми, ќе интервенираме и со амандман за истата одредба да важи од 11-ти 2026 година. Со ова може да дозволиме на сите електронски медиуми кои учествуваат во платеното политичко рекламирање на овие избори да имаат еднакви права и услови а подоцна да бидат регулирани, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Со овој закон се врши и усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Претходно ДИК на седница минатата сабота усвои заклучок вон сила да се стави Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик. Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа Упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи.

Би можело да ве интересира

Левица: Денешната седница беше перфиден театар на ДПМНЕ и ДУИ – не помина предлогот за фер конкуренција

Катерина Ѓуровски

Мицевски: ДУИ е против независни кандидати на локалните избори, им пречи дури и прагот од 0,5 отсто

Измените во Изборниот законик не поминаа во Собранието поради Бадентер

Катерина Ѓуровски

Собранието одлучи измените и дополнувањата на Изборниот законик да се носат во скратена постапка

Катерина Ѓуровски

Препораките од ОБСЕ/ОДИХР се вградени во Изборниот законик, вели Филков

Уставен суд ќе одлучува за Изборниот законик