Независниот кандидат за градоначалник на Могила Сашо Пивковски попладнево соопшти дека ја повлекува својата кандидатура за градоначалник на Општина Могила.
– По внимателно размислување и бројни разговори со многумина од вас, одлучив да ја повлечам својата кандидатура од изборната трка. Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент – во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Во изминатиот период слушнав различни мислења, совети и размислувања. Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите, напиша на Фејсбук Пивковски.
Тој наведува дека ВМРО-ДПМНЕ е неговата партија и негов политички дом. – Како нејзин член секогаш сум се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето. Така било и ќе остане. Ќе продолжам да го поддржувам сето она што е во интерес на граѓаните и на вредностите за кои се залага оваа организација. Понекогаш, вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна, за да не му наштетиш на она што го сакаш и почитуваш, стои во неговата објава.
Свесен сум, додава тој, дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност.
– Убеден сум дека ова е најдоброто нешто што можев да го направам во овој момент. Ќе продолжам и понатаму да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба. Вашата поддршка, доверба и добри зборови ќе останат нешто што длабоко го ценам. Ви благодарам од срце, пишува Пивковски.
Независниот кандидат Сашо Пивковски на првиот круг од локалните избори во неделата освои 1.253 гласа, додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Драганчо Саботковски 1.662 гласа.
Вчера од изборната трка се откажа и Милосим Војноски во Македонски Брод.
