Невладините бараат 131 милион денари за програмата за ХИВ за 2025, предвидени се само 90

Од:

Претставници на невладини организации денеска во Скопје изразија загриженост поради информации за намалени средства за програмата за ХИВ за 2025 година. Вознемиреност има и кај пациентите, поради постојаното стравување дали навреме ќе има терапија и можноста од прекин на терапијата. Според Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ предвидени се само 90 милиони денари, а тие бараат 131 милион денари.

Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ, испратила писмо до министрите за здравство и финансии, Арбен Таравари и Гордана Димитриеска Кочовска, и копија до премиерот Христијан Мицкоски, во кое се истакнува загриженоста и можните последици доколку се намалат средствата за програмата за ХИВ за наредната година.

Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, организација на пациентите со ХИВ и како организации што работат на превенцијата на ХИВ повеќе од 20 години, рече дека според нивните информации буџетот за програмата за ХИВ за 2025 година е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари.

– Исклучително сме загрижени што, според нашите информации, буџетот за програмата за ХИВ за 2025 година е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари, што нема да бидат доволни ниту за обезбедување животоспасувачка терапија, а во однос на мерките за превенција, тоа ќе значи целосно нивно затворање. Огромни се загриженоста и вознемиреноста кај пациентите од тоа постојано стравување дали навреме ќе има терапија и дали ќе се случи прекин на терапијата. Што, секако, тоа не смее да се дозволи, мора да се избегне по секоја цена, бидејќи може да значи драстично влошување на нивната здравствена состојба, а исто така може да значи и појава на отпорен, резистентен вирус, што понатаму ќе бара многу поголеми трошоци за третирање и исто така, ќе значи ризик од раширување на епидемијата, рече Сених.

Тој нагласи дека мерките за превенција се и во овој момент, од кратењата што се случиле во изминатите две години, се сведени на минимум.

– Доколку не се обезбедат неопходните средства, за што министрите за здравство и за финансии се веќе информирани и свесни, тоа ќе значи целосно затворање. Она што како земја сме го постигнале во контрола на епидемијата, ќе значи дека го губиме, дека повеќе од 25 милиони долари инвестиции во изминатите децении ќе бидат целосно изгубени, а ние како земја, повторно ќе имаме појава на епидемија, во услови каде што во светот епидемијата се става под контрола и глобална цел е до 2030 година да ставиме крај на овој проблем како јавно здравствено прашање, подвлече Сених.

На новинарско прашање, колку е значајна терапијата да се намали вирусот и пример каде ХИВ позитивни родители имаат ХИВ негативни бебиња и се работоспособни и не остануваат како терет на државата, тој одговори дека самата терапија е една клучна мерка и алатка во синџирот на спречување на епидемијата на ХИВ.

– Кога луѓето почнуваат со терапија, таа го поттиснува вирусот и тој понатаму не може да се пренесе на други лица, ниту преку сексуални односи, а ниту од мајка на дете. Не случајно ние само во изминатите неколку години има 14 дечиња родени од родители од кои едниот од нив, без разлика дали мајката или таткото, биле ХИВ позитивни. Нас како земја, треба стратегија да ни биде што повеќе недијагностицирани лица со ХИВ да откриеме и тие да ги ставиме на терапија. Тогаш, практично на тој начин ја решаваме оваа епидемија и ставаме крај, одговори Сених на новинарско прашање.

Претставници на невладини организации нагласија дека комуникацијата со двете министерства на оваа тема, не е од сега. Покрај комуникацијата, вчера било испратено и писмо до министрите за здравство и финансии, со доставена копија до премиерот. Писмото што новинарите имаа можност да го видат, е потпишано во името на 13 граѓански организации и Црвениот крст на Република Северна Македонија, како дел од Платформата на граѓански организации што спроведуваат услуги за превенција на ХИВ.

– Се обраќаме за да ja изразиме огромната загриженост кај пациентите со ХИВ и незадоволството поради непредвидување на минимум неопходните средства за лекување и за превенција во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во буџетот за 2025 година. Вчудоневидени сме од начинот на којшто се буџетираат средствата за обезбедување лекови, како и за ХИВ-превенција и тестирање, коишто значат живот за стотици граѓани, без да воопшто да се земат предвид реалните потреби. Ваквиот начин на буџетирање во здравството и во јавното здравје го сметаме за неодговорна политика, која не доликува на сериозна земја, се наведува во писмото.

Нашата реакција, се додава, се однесува на намалувањето, наместо неопходното зголемување, на буџетот на програмата за ХИВ на 90 милиони денари за 2025 година, односно 10 милиони денари помалку од тековната година, што е „нелогично со оглед на зголемувањето на бројот на пациенти на коишто ќе им биде потребна терапија“.

– Зачудувачки е што буџетот на Програмата за ХИВ изнесувал 95 милиони денари во 2018 година, кога се лекувале околу 200 пациенти со ХИВ, а се предвидува да биде понизок во 2025 година, кога очекуваме бројот на пациенти да надмине 500 лица, се истакнува во писмото.

Укинувањето на мерките за превенција и насочено тестирање, се нагласува, директно ќе се одразат во зголемен број случаи на ХИВ уште на краток рок, но и на други сексуално преносливи инфекции, што успешно се дијагностицираат токму преку оваа програма.

– Ненавременото откривање на ХИВ-инфекцијата и необезбедувањето на навремена и соодветна терапија ќе резултира со зголемен број смртни случаи од ХИВ коишто може да се избегнат, проблем којшто е надминат во повеќето земји, вклучувајќи и во Африка, потенцираат од Платформата.

„Заштедата“ на средства преку намалено финансирање на лекувањето и преку укинување на превенцијата е само привидна, истакнуваат од Платформата, а драстично повеќе ќе го оштети државниот буџет и буџетот на Фондот за здравствено осигурување во наредните неколку години преку „драстично зголемување на трошоците за лекување на доцна дијагностицирани случаи со компликации кои бараат исклучително скапи лекови, долготрајни хоспитализации и боледувања, кои во некои случаи ќе завршат со трајно работно онеспособување, како и со смрт на лица кои инаку би останале работоспособни и би придонесувале во јавните приходи“.

– Ве потсетуваме, исто така, дека политичките партии од коишто доаѓате како министерка за финансии и како министер за здравство, во пресрет на парламентарните избори во 2020 година, потпишувајќи ја декларацијата предложена од Платформата на граѓански организации што спроведуваат услуги за превенција на ХИВ со која се обврзаа да поддржат „обезбедување долгорочна одржливост на досегашното национално финансирање на програмите и активностите за превенција, тестирање и поддршка во врска со ХИВ за групите под особен ризик, коишто ги спроведуваат граѓанските организации, вклучувајќи и ефективни механизми на финансирање и социјални договори“, се додава во писмото.

Се изразува надеж дека станува збор за „недоволно разгледување на аргументите врзани за Програмата што сериозно го штити здравјето на целата популација“.

– Бараме да се предвидат 131 милион денари за Програмата за ХИВ за 2025 година со цел да се обезбеди соодветна терапија за сите пациенти со ХИВ и превентивните активности да се одржат на сегашниот минимум, за да се спречи зголемување на епидемијата и губење на досегашните резултати, истакнуваат од Платформата.

Во писмото се нагласува и дека „сите препораки и докази недвосмислено укажуваат дека овој предвиден минимум не е доволен за да ставиме крај на оваа епидемија до 2030 година, во согласност со целите на Обединетите Нации“.

Извршниот директор на „Заедно посилни“, Сених, одговарајќи на новинарско прашање, информираше дека во просек, годишно се дијагностицираат околу 46 случаи.

– Тоа е просек за изминатите пет, шест години. Во моментов се лекуваат повеќе од 430 пациенти со ХИВ на Клиниката за инфективни болести, додаде Сених.

Би можело да ве интересира

Децата заразени со сида ќе имаат поевтин лек

Жарко Настоски

Русија тврди дека произвела прототип на вакцина против ХИВ/СИДА

Жарко Настоски

Лани во светот 100.000 деца умреле од СИДА, соопшти УНИЦЕФ

Жарко Настоски

Значајно откритие на белгиски научници би можело да доведе до лек за ХИВ

МЗ: Граѓанските организации – клучен партнер за одржување ниска стапка на ХИВ во државата